Светската здравствена организација (СЗО) ќе свика состанок на членовите за да разговара за стратегиите за борба против новиот, заразен вид на коронавирус што се појави во Велика Британија, изјави во вторникот шефот на СЗО за Европа. Тој не го прецизираше датумот на состанокот.

“Ограничувањето на патувањето за борба против ширењето на вирусот е мудро се додека немаме повеќе информации. Синџирите за снабдување и нужните патувања треба да останат можни”, рече регионалниот директор на СЗО Ханс Клуге на Твитер, повикувајќи на засилени превентивни мерки.

Телото со седиште во Женева во понеделникот објави дека новиот вид коронавирус откриен во Велика Британија, за кој се покажа дека се шири побрзо од претходната варијанта, „не е надвор од контрола“.

Не предизвикува потешки форми на болеста или повеќе смртни случаи

Марија Ван Керхове, техничка водителка на СЗО за ковид-19, рече дека новиот вид на коронавирус, иако позаразен, не предизвикува потешки форми на болеста или повеќе смртни случаи, повикувајќи се на британски анализи.

СЗО исто така објави дека наскоро очекува повеќе детали за можното влијание на новиот многу заразен вид на коронавирус, додека голем број земји ги затворија границите за патување од Велика Британија од страв од негово ширење.

Новиот вид што ја вознемири Велика Британија е откриен и кај поединци во Австралија, Исланд, Италија и Холандија, а имало и неколку случаи во Данска.

СЗО: Нормална фаза на еволуција на пандемија

СЗО истакна дека ова е нормална фаза во еволуцијата на пандемијата.

Во соопштението издадено во вторникот, СЗО повтори дека сè уште нема доволно информации за да се утврди дали новиот вид може да влијае на ефективноста на вакцината и рече дека испитувањата се во тек. А.Р.