Земјите кои имаат намера да ги ублажат вонредните мерки воведени за спречување на ширењето на коронавирусот, најпрво треба да почекаат најмалку две недели за да ги проценат ефектите од таквата одлука, предупреди денес СЗО, пренесе „Ројтерс“.

Во препораката се наведува дека сите земји треба да извршат ваква проценка пред да ги ублажат вонредните мерки.

Меѓу земјите кои размислуваат за ублажување на рестриктивните мерки се и оние кои се најтешко погодени од ширењето на коронавирусот, па СЗО предупредува дека чекорите за нормализирање на животот мора да се преземат постепено, по темелна проценка на ефектите од таквите промени.

„Идеално, потребна е пауза од најмалку две недели помеѓу фазите на враќање во нормални социјални и економски текови за да се идентификуваат ризиците од ново распламтување на епидемијата“, се наведува во упатството на СЗО.

Светската здравствена организација ги издаде овие упатства во време на гласни и остри критики на официјален Вашингтон за наводно несоодветниот одговор на СЗО на почетокот на кризата. А.Р.