Валентина Ѓоргиевска Парго 
 
Симе Младеновски десет години работи како продуцент на емисијата “Лица и дела” која се емитувана ТВ Сонце, а пред тоа има работено и во други тв станици. Но, како што не информира, неодамна освои награда со првиот документарен филм.
*Честитки за наградата. За кој филм станува збор и на кој фестивал беше прикажан и награден истиот?
 
– “Копнеж” е документарен филм кој го сработивме јас и мојата екипа: Бубе, Зоки, Зоран, Владе, Горан, и веднаш ќе кажам сами си финансираме, ниедна институција не излезе во пресрет. Во него направивме паралела помеѓу бивша Ју и сегашна Мк. Тоа беше време на слободни движења, дружба, на сакање и почитување од срце, насмевка чиста, тоа време е на дискотеките “Мусандра” , “Огниште” , “Олимписко село” , тоа време покрај Кеј одевме на собиранки, се со последниот автобус кој доаѓаше на Рекорд во 23 часот. Тоа беше посебно време. Инаку, нас сега не застапува агенцијата “Белград филм” и Дејан Ракичевиќ кој се грижи за промоцијата на филмот. Филмот досега беше прикажан на Фестивал де Бразилија- Бразил, Мартовски фестивал – Белград, Џенова филм фестивал. “Копнеж” од 850 филма во Белград освои второ место, се пласира во Џенова, потоа во Бразил во Бразилија освои второ место од 4.000 филма, и сега се пласира на филмски фестивал во Лондон. Но, веќе работиме на нов филм за филмски фестивал во Аргентина, во Буенос Аирес. Не откривам многу за ова, само ќе откријам се работи за сиромаштијата во Македонија. Некако се пронајов во документарните филмови и ќе продолжам, тоа всушност ми е големо задоволство, ме исполнува. А секако “Лица и дела” ни е печат и си продолжуваме и се гордееме со неа.
*Филмот обработува интересна тема нокниот живот на Скопје во деведесетите. Вам ви е добро познат, тогаш бевте и менаџер, а и настапувавте и дискотеки и кафулиња. Тоа беше ноќен живот – милина. Каде исчезна како се стопи тој ноќен концепт во кој сите уживавме?
-Да интересна е темата секако, но многу мака видовме се да се среди како треба. Тоа е мое време, деведесеттите, време на убави дружби, време на почит меѓу луѓето, време кое беше поинакво, имаше некоја посебна енергија. Јас бев и менаџер на дискотеки кафулиња имав и своја група “Dance machine” која ги полнеше дискотеките, палевме и жаревме. Воопшто имаше многу мирен убав живот. Тогаш бев и ко-сопственик во повеќе кафулиња и во една дискотека, организирав многу концерти. Во тоа време мојата релација беше Скопје- Белград- Дубровник, а многу работевме и низ Македонија. За жал, исчезна тоа време, но се надевам дека можеби ќе се врати дел од сето тоа. Времето си носи свои нешта, а и времето ќе си покаже, но разликата е драстична со ова време во кое што сега живееме, брз ритам многу  секојдневни обврски. Но, не може да се спореди во никој случај, и апелирам до сите дека треба да почнат да се сакаат, почитуваат, да се сплотат и оние кои ја водат државата да даваат повеќе простор да се искажува народот, да се дава можност за светла иднина, да почне да се цени квалитетот. Зошто, народе, ако се продолжи на овој начин младите генерации ќе бидат осакатени. Се надевам дека ќе дојде до некоја промена, да се разбуди човековиот разум и да почне да функционира општеството.
*Да се осврнеме повторно на “Копнеж”, темата е доволно провокативна и за ние, кои го уживавме тој живот, и за помладите кои треба да се запознаат преку филм. Колку време ја обработувавте, како ги наоѓате луѓето кои се најповикани да евоцираат спомени за тој период?
-Ние долго пред да го сработиме филмот имавме замисла и подготвено сценарио, се тоа значеше колкава ќе биде финансиската моќ, колку опрема ни е потребно, колку статисти, колку соговорници…Сето тоа е макотрпна работа, но со задоволство го работевме и уживавме во тоа. А евоцирање спомени е убава работа, те враќа на млади години кога се уживало. Се сеќаваш на убави дружби, на сета убавина која се случила, тоа е многу убава работа и поучна за секого. Преку филмот се доловуваат овие работи за помладите генерации.
 
*Буџетот со кој е сниман е повеќе од скромен. Често дури сте снимале и со позајмена камера. Толку ли беше голема желбата таа замисла, тие сеќавања, да се преточат на документаристичко филмско платно?
-Кога нешто се работи со љубов не постои пречка која ќе те спречи, а кога работиш со љубов тоа е многу моќно и има некоја да речам посебна енергија која струи и влече. Сме работеле со позајмена опрема, сме вложувале, сме работеле во лоши услови на дожд, снег, ветрови, но не сме биле уморни зошто  сме имале цел. И сето тоа ни било задоволство. А финансиите, тоа е наш буџет кој едноставно сме го ваделе од семејниот буџет и сме го вложувале. Но кога ќе замислиме што сме направиле нешто кое останува кое ќе се гледа и можеби за некого ќе претставува  радост, среќа, можеме да кажеме не ни е проблем. Мислам дека направивме нешто кое ќе остане и долго ќе живее со генерации и на тоа ние сме многу горди и задоволни. Голем е тој момент, кој не може да се опише може само да се доживее. Сето тоа што сме го доживеале и некои го виделе и поминале го преточивме на филмското платно се надеваме дека успеавме.
*Недостигаат такви филмови, секако. Но, шт­о мислите, зошто не се доволно обработени привлечните деведесети низ призма на документарниот жанр?
-Во овој случај ќе дадам мое мислење темата е многу трогателна, и интересна. Со овој филм ние почнавме да обработуваме дел од деведесетите, времето на “романтизмот на ноќниот живот” условно речено, но имаме идеи да обработуваме и повеќе други теми за деведесеттите,  затоа што тоа се моите најубави поминати години, и се знам и се ми е познато. И секако во таков момент може да си најмногу  креативен,  да се искажеш преку филмот. Филмови недостигаат, според мое мислење, и мислам треба да се активира нашата домашна продукција, да почне да работи со полна пареа. Народот наш сака нешто наше, домашно, имаме многу квалитетни луѓе во тоа кои се полни со идеи и креативни. Доста е веќе од турски, индијски серии, сега е момент да се произведува наше- играни серии, документарци, да се врати довербата на народот и задоволството. Но, мислам дека проблемот е во тоа што на некој така му одговара и затоа се случува тоа. Се надевам дека полека ќе почне да се расклатуваат работите и да се попушта и да почне да функционира домашната продукција . Меѓутоа ова треба да допре и до нашите институции да дадат услови за сето тоа, со Господ напред ќе се спојат коцките.
 
*Филмот “Копнеж” македонската јавност сеуште не го има погледнато. Кога ќе го емитувате?
 
Тоа не зависи од нас, ние би сакале веднаш, но имаме потпишано договор со агенција од Белград која се грижи за сето тоа и тие ќе одредат кога ќе биде. Ќе биде известена јавноста, ќе бидат известени сите мои пријатели кои постојано ме прашуваат кога ќе го гледаме. Еве, неодамна, мојата сопруга Мери славеше роденден, нека и среќен и вековит и баш нејзини колешки од О.У. “Стив Наумов” ме прашуваа на таа тема. Истово им го кажав, се зависи од агенцијата и од Дејан, а и се уште филмот оди по фестивали. Искрено се надевам ќе биде за брзо и ние нестрпливо го чекаме тој момент.
 

*Се посветувате и на нови документарци. Повторн­о за Скопје. Очекувате поддршка од нешто од Министерство за култура?

-Да, да, се насочуваме на снимање на повеќе теми за нашата метропола. Можеби и ќе правиме за нашата убава Македонија, има места убави за снимање но сега го обработуваме Скопје, мојот град кај што сум роден и живеам. Јас сум дечко од скопскиот асвалт и си го сакам Скопје, затоа го обработуваме. Ме прашувате за Министерство, не очекуваме искрено ништо зошто знам нема да добиеме. Сме конкурирале многу пати и сме одбиени без причина. За жал сме побарале средства за снимање и од многу моќни фирми сме биле одбиени. Во Македонија на таа тема не функционира ништо, штета, но вистина и одлучни сме нема да “мољакаме” никого, ќе вложуваме самите. Секој труд има и плод и успех, Господ е со нас. Ние, искрено, за филмот и она што го работиме гледаме иднина во светот. За жал тука не гледаме иднина, бидејќи за “Копнеж”  светски медиуми објавија, весници, телевизии, а кај нас тешко. Само кога ќе доживееш успех ќе ти се сипат за интервјуа. Затоа велам, иднина гледам просперитет во светски рамки пробуваме таму па ќе видиме.
*Не може да го прескокнеме фактот, дури и во рамките на едно вакво тематски формулирано интервју, дека најголем успех на вашата досеашна работа е емисијата “Лица и дела”, што ја уредува и води Мери Тодорова Младеновска, за неупатените вашата сопруга. Колку години трае таа емисија, задоволни сте?
-Да, можам да кажам “Лица и дела” е една од емисиите кои сум ги работел и работам. Сум имал многу успешни емисии но “Лица и дела” е печат на сите, бидејќи ја работам семејно заедно со мојата сопруга Мери, која е голем професионалец и која има многу идеи и е креативна. Да се работи со Мери е големо задоволство, таа е мојот свет и од кога сум со неа сум се преродив. Таа е магистер по македонистика и комуникологија и кога ја води емисијата секогаш внимава на “говорете македонски” тоа е нејзина професија и таа за мене се разликува во креирањето на емисијата. И прашањата и се специфични и гостинот се чуствува опуштен, се трудиме од самите гости да ги извадиме нештата кои за прв пат се кажани, едноставно бараме ексклузива. Можете да прашате наши гости кои биле во емисија како се примени и како се чуствувале, и вие сте биле гостин меѓу другото. Секако да спомнам за десетгодишната успешност на емисијата се заслужни и колегите од Тв Сонце и целата екипа и господинот Џорџ Атанасовски. Ние многу сме задоволни и продолжуваме и понатаму, и како и досега и во иднина ќе гостуваат многу личности познати од сите сфери,  со голем багаж. Заедно со мојата ценета и сакана сопруга Мери сме ги пречекале Гаро, Дики, Славиша, Вања, Есма, Влатко, Наум Петрески, Ѓоко Ѓорчев, Јане Дунимаглоски и многу други. Пак ќе кажам, имаме голема слобода за се што сакаме да го направиме и искажеме имаме голема флексибилност од нашите колеги,  сопственикот Џорџ кој е пример за другите сопственици во Македонија како се води тв, секако и директорот Спасиќ, директорот Мицкоски тимот кој работи на” Лица и дела” и сите колеги од ТВ Сонце. Ние е всушност сме една фамилија која многу се почитува и има позитивна енергија.
*Ова лето организиравте и Интернационална поетска манифестација со родољубиви песни, од Македонците каде и да се. Веќе ја востановувате како нешто што ќе расте и ќе трае во иднина?
-Точно, сакавме да направиме нешто за прв пат многу јако да упатиме порака до Македонците каде и да се, да се сплотат, да се сакаат, да се почитуваат. Само на тој начин ќе можеме да имаме светла иднина и многу ми е драго што  успеавме во тоа. Сакаме тоа да биде традиционално и се трудиме. Овој пат пристигнаа многу родољубиви песни над 5.000, и огромно задоволство за нас беше што бевме вклучени во тоа, ТВ Сонце, “Лица и дела, Мери, Соња, Бранко, Златко кои беа жири и јас. А да споменам многу радија, пишани медиуми, телевизии низ светот. Упативме јака  порака  и пораката е примена, успешна манифестација на светско ниво. Честитки до наградените и за сите кои учествуваа, а секако во иднина ќе расте и трае.
*Накусо да ги споменете и вашите следни планови, во областа документаристика та, но­ и како продуцент на тв емисија и воедно менаџер во музичката кариера на Мери. 
-Кажав, се пронајдов во документаристиката и продолжувам понатаму со нови филмови. Веќе имаме понуди и планови, ќе откријам дека имам договор да работам на игран филм на еден познат српски режисер, во кој главен лик ќе биде Никола Којо  и многу познати ликови, а ќе има и светски глумец. Сакам да изработам и документарец за  Ранковци, крајот од каде потекнува мојата покојна мајка која две години не е меѓу и ќе и го посветам на неа. Секако ќе работам документарец за село Герман, едно живописно планинско село од каде потекнува мојот татко, на кого ќе му го посветам тој филм и сакам да работам документарец за градот Прилеп од каде потекнува мојата Мери, на која ќе и го посветам филмот. “Лица и дела” продолжува со нови емисии, а за кариерата на Мери продолжуваме турбо. Под полна пареа се подготвуваат нови песни. Мери на 24 октомври ќе настапи на “Еврофест” во интернационална вечер со една  песна, текст нејзин, музика, студио аранжман на мојот стросват Јане Дунимаглоски, кого исто го ценам и сакам многу. Секако ќе споменеме за прв пат добив доверба да го водам новиот бенд “Акарма” во кој е Мери, вистински рокери. Им благодарам за довербата. Тие работат веќе на две нови песни. Инаку станува збор за искусни музичари кои ја преферираат рок музиката и ги најавувам како идни ѕвезди. Дел од бендот е од Алексинац, Србија, а дел Скопје. Тоа се Далибор Марко, Драган, и вокал Мери. Се надевам дека ќе ги одведам до врвот, бидејќи заслужуваат. И за крај би сакал да ви се заблагодарам вас и на мојата фамилија, моите внуци кои ме поддржуваат во реализација на моите идеи.