Си Џинпинг Фото: AP Photo/Mark Schiefelbein, File

Кинескиот претседател Си Џинпинг во четвртокот го нарече „чудо“ искоренувањето на екстремната сиромаштија во Кина, јави АФП, додавајќи дека Пекинг по секоја цена сака да ја постигне таа цел пред 100-годишнината од Кинеската комунистичка партија, која ќе се слави во јули.

Од почетокот на економските реформи во 70-тите години на минатиот век, Кина тврди дека извлекла 800 милиони луѓе од екстремна сиромаштија, пренесува „Seebiz“.

Втората светска економија се пофали дека минатата година официјално ја искорени апсолутната сиромаштија.

„Ниту една земја не може да извлече стотици милиони луѓе од сиромаштија за толку кратко време“, рече Си на големата церемонија во Народната палата во Пекинг. По доаѓањето на власт во 2012 година, Џинпинг ја прогласи борбата против сиромаштијата за еден од приоритетите на неговата политика.

Животот во Кина значително се промени од 1970-тите години кога населението живееше во колективистички систем. Денес, земјата е огромен пазар со стотици милиони потрошувачи насочени кон мултинационални компании.

„Тоа е човечко чудо што ќе влезе во историјата“, рече кинескиот претседател, кој вети дека ќе го сподели „кинеското искуство“ со другите земји во развој.

Прагот на сиромаштија во Кина се дефинира како приход помал од 2,30 долари дневно по лице, што е повисок од прагот утврден од Светска банка (1,90 долари).

Но, тоа е далеку под нивото од 5,50 долари што Светска банка им го препорачува на земјите со средни приходи како Кина. Според тој критериум, скоро четвртина од кинеското население сè уште живее во сиромаштија.

Додека Комунистичката партија ќе ја одбележи својата 100-годишнина од 1 јули, режимот започна во последните месеци низа иницијативи поврзани со потребите на домаќинствата, распределбата на субвенциите и завршувањето на големите дела.

Влогот е легитимноста на државата заснована на социјалистичкиот егалитаризам, но која го држи светскиот рекорд по бројот на милијардери. А.Р.