Во хотелот „Александар палас“ оваа сабота традиционално се одржа „Виенскиот бал“ во Скопје, во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“ и покровителство на – Амбасадата на Република Австрија во Република Македонија. Организацијата, програмата, уметниците и зрелата балска публика на 19-то издание на оваа манифестација, потврдија дека „Виенскиот бал“ во Скопје е конкурентен на кој било виенски бал одржан во светските метрополи. Од минатата година, „Виенски бал“ во Скопје е ставен и на светската мапа виенски балови, а голем број странски дипломати и гости уживаа во оригиналната програма на балот, покрај домашната балска публика.

Годинава, балот го отвори конзулката и подсекретарка на амбасадата на Република Австрија во Република Македонијa, г-ѓа Габриеле Јанежиќ, а стотина уметници се погрижија публиката да остане на нозе до рано наутро. За танцот со звуците на валцерите се погрижи оркестарот „Јохан Штраус“ – триесет професионални музичари, кои музицираа под диригенство на Бисера Чадловска.

Петар Ренџов и „Тумбао салса бенд“, мајстори на живата свирка, го преполнија подиумот на „Виенскиот бал“ и предизвикаа восхит во салата. Доцна во ноќта, публиката танцуваше и уживаше и во настапот на еден од најмоќните вокали на нашата поп-рок сцена, Нина Јанева, која настапи во придружба на „2Ексит“ и виртузот на сакасафон, Горан Папаз

Танчарите на танцовиот клуб „Прима данца“ повторно беспрекорни на подиумот на „Виенскиот бал“ изведуваа атрактивни точки, вредни за громогласни аплаузи од публиката. А балетската уметност на сцената на „Виенски бал“ ги восхити присутните, првенците на МОБ, Марија Кичевска и Бобан Ковачевски изведоа адаџо од балетската претстава „Клеопатра“ пред гостите на балот. 

Манифестацијата,  четврта година по ред, ја водеше Јована Стојменовиќ, која во согласност со задолжителниот дрес-код на балот носеше прекрасен балски фустан специјално дизајниран за приликата од страна на реномираната модна дизајнерка, Антонија Ристовска, а стилистот за коса и шминка Владимир Трајковски го комплетираше изгледот на водителката. Гостите, дипломатите, уметниците покажаа рафиниран стил со гардеробата изгледот што го избраа за балот во рамките на пропишаните стандарди.

И оваа година, „Виенскиот бал“ и елегантните гости беа во служба на хуманоста.  Компанијата „Охридски бисер Филеви“ и Државна лотарија на Македонија им овозможија на гостите на балот да ја покажат својата хуманост, а собраните средства се наменети за граѓанската организација на лица со и без хендикеп, која работи на суштинско поврзување и целосно остварување на основните човекови права и слободи на лицата со хендикеп „Полио плус“.