Министерот за здравство Венко Филипче, по посетата  на болницата во Козлен рече дека мора сите да сфатат дека само со почитување на мерките ќе се извлечеме од оваа криза. Тој потенцира бројот на заразени со Ковид-19 во Скопје е во континуиран пад, но дека има нови случаи во околината на Тетово, во околината на Гостивар, Штип, Ресен и Битола. Според него тоа се уште ја одржува бројката на заразени нешто повисокo. Факторот на преносливост заклучно со вчерашниот ден е под 1 и многу е битно така да остане. Апсолутно сите случаи се резултат на непочитување на мерките.

На прашање колку луѓе може да зарази еден граѓанин со Ковид рече дека тоа зависи од повеќе фактори, прво дали е во рана фаза, од бројот на контакти што ги има во еден ден и бројот на денови кои ги има со истите тие контакти.

– Некогаш кратка средба на дистанца не претставѕва никаков ризик, особено ако се носат заштитните маски, но секојдневна комуникација повеќе од четири пет дена без дистанца, без маска со еден ист контакт значи висок ризик за трансфер на вирусот, нагласи Филипче.

Минситерот Филипче информира дека има излекуван пациент од Куманово за кој се верува дека му се вратила болеста, но дека тој случај треба да се потврди.

– Во светот има такви потврдени случаи. На што се должи тоа сега во овој момент науката се уште не одговорила со сигурност. Има некои иницијални докази дека станува збор за некаква форма на мутација на вирусот, каква е таа форма, дали е силна или послабо изрезена се уште немаме доказ. Но, дефинитивно има потврда за појава на рецидив на болеста, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.

А.Н.