Министерот за надворешни работи, Никола Димитров на денешната прес конференција ги повика сите наши граѓани до утре, недела, до 18 часот да се пријават во дипломатските претставништва, за државата да организира нивно враќање дома. Тој потенцира дека до сега има пријавени 2.300 низ целиот свет, а најголем број од нив се наоѓаат во европските држави.

Димитров информира дека се формира и тело за задолжителен државен карантин. Врз основа на законските прописи за заштита на јавно здравје, министерот информира дека владата одлучила сите кои ќе дојдат да бидат во државен карантин 15 дена, а престојот во истиот дека ќе биде на сметка на државата. Ова е за да се заштити и другиот државен интерес, односно заштита на здравјето на сите кои се веќе во татковината.

Она што говори за менталиетот на нашиот народ е информацијата што ја сподели министерот, а се однесува на македонските државјани кои побарале помош од генералниот конзулат од Истанбул да се вратат дома. Имено, откако МНР заедно со колегите од Црна Гора, имале обид да ги донесат заедно граѓаните од Истанбул, со државниот лет од Црна Гора, откако ги информирале дека ќе бидат во државен карантин, никој не сакал да се качи на летот.

Во следните денови Димитров рече дека ќе организираат хуманитарен конвој од Црна Гора, каде има седумдесетина граѓани, а и тие ќе бидат во државен карантин.

Министерот одговараше и на прашањата кои беа поставувани он лајн. Тој  напомена дека немаат податоци за здравствената состојба на пријавените, затоа што тие се пријавуваат по телефон или на меил, па затоа се организира државен карантин на трошок на државата. Луѓето во државниот каратин ќе бидат по 1-2 во соба, но сега за сега е рано да се каже каде ќе биде нивната локација, рече Димитров.

Во однос на меѓународна помош, Димитров објасни дека разговарале со многу земји членки на ЕУ, со амбасадорот Жбогар и кажа дека побарале пренасочување на ИПА фондовите за помош во борбата со корона вирусот.

 

Н.Д.