Во последните 24 часа, во Словенија се потврдени нови 1.963 случаи на инфекција со корона вирус, 300 повеќе од претходниот ден, а 18 лица починале од ковид-19, потврди денеска словенечкото Министерство за здравство. Ова е нов црн рекорд за бројот на нови случаи и бројот на смртни случаи досега.

Со новопотврдените инфекции, нивниот вкупен број се зголеми на 21.276 од почетокот на епидемијата, од кои 13.023 случаи се моментално активни, пренесува Хина.

Во болниците се лекуваат 449 пациенти, а 63 од нив се сериозно болни во единиците за интензивна нега. Досега починаа вкупно 234 пациенти, а бројот на заразени на 100.000 жители во последните 14 дена е 449, што ја прави Словенија една од најзагрозените во Европската унија.

Словенечкото Министерство за надворешни работи потврди дека министерот за надворешни работи Анже Логар бил позитивен на корона вирусот на тестот, поради што ќе остане во изолација заедно со соработниците кои биле во контакт со него во следните десет дена.

Карантинот стапи на сила на полноќ

Од денес во Словенија е во сила карантин според одлуката што ја донесе владата на премиерот Јанез Јанша пред два дена и ќе трае најмалку една недела, по што ограничувањата ќе бидат преиспитани и ревидирани, во зависност од ситуацијата.

Од полноќ, продавниците се затворени, освен оние што нудат храна и основни потреби, забрането е работење на угостителски објекти, фризерски и салони за убавина, велнес центри, базени, кина, културни институции, спортски сали, автоперални …

Забраната за напуштање на регионот на постојан престој е сè уште во сила, часовите во училиштата и факултетите се одвиваат на далечина, третина од сообраќајот е прекинат, а градинките нема да бидат отворени од понеделник.

Лесно болните во хотели, медицинските лица на крај на силите

Според стапката на ширење на инфекцијата од последните неколку дена, бројот на новоинфицирани лица се удвојува на секои пет до шест дена.

Во случај на пренатрупаност на болнички установи за пациенти со ковид-19, владата размислува да ги стави вишокот лесно болни пациенти во хотели, но проблем е кој би се грижел за тие пациенти во тој случај бидејќи болниците веќе сега порачуваат дека немаат обучен кадар и дека постојните тимови се на крајот на силите. А.Р.