Словенечките туристички власти очекуваат и оваа година да продолжи растот на туристи и ноќевања, но се борат со недостаток на кадар, бидејќи им недостигаат 5.000 лица кои имаат намера да ги добијат од блиското опкружување, наведоа во средата словенечките медиуми.

„Туристи има доволно, но на туристичката индустрија пред летната сезона и недостигаат околу 5.000 вработени, кои, најверојатно, ќе се надоместат со ангажирање на сезонски работници од Србија и Босна“, наведува љубљанско „Дело“.

Вработувањето на странски готвачи, келнери и слични професии во словенечкиот туризам ќе биде потребно и во наредните години, бидејќи домашниот кадар е преоптоварен, а нивниот синдикат со години се жали на ниските плати и високите даноци за прекувремена работа, пишува весникот.

По четири години континуиран туристиќки раст  Словенија минатата година имаше 4,7 милиони туристи и 11,9 милиони ноќевања. Се очекува оваа година да забележи стапка на раст на ноќевањата и приходите, но проблемот со дефицитот на вработени е хронично присутен.

„Иако на почетокот на годината платите на вработените во туризмот се зголемија, недостаток на вработените се чувствува повеќе сега за велигденските празници, па се плашиме како ќе биде во главната туристичка сезона“, рекла за „Дело“ секретарката на Синдикатот на вработените во угостителството и туризмот Кармен Лебан.