Во последните 24 часа, покрај 3.123 тестови, во Словенија се потврдени нови 123 случаи на зараза со коронавирус, што е рекорден број од почетокот на епидемијата, објави во средата словенечката влада.

Во последниве недели, бројот на нови зарази постојано се зголемува, а владата најави дека поради зголемениот број хоспитализирани, очекува реорганизација на болниците и отворање на друга, четврта Ковид болница, за која подготовките се во тек.

Следните две недели ќе бидат клучни за развојот на епидемијата и нејзината контрола, рече министерот за здравство Томаж Гантар.

Според податоците од министерство за здравство, во моментов има 975 активни случаи, од кои 61 се во болници, што е многу голем пораст во однос на минатата недела.

Во последните 24 часа најмногу заразени, 18, биле откриени воЉубљана, 15 во Рогашка Слатина и 10 во Марибор.

Владиниот портпарол Јелко Кацин ден претходно рече дека Словенија, доколку ситуацијата остане вака, има доволно респиратори за сите пациенти, нагласувајќи дека бројот на новозаболени покажува дека состојбата со епидемијата не се подобрува и дека треба строго да се почитуваат пропишаните епидемиолошки мерки и рестрикции.

Шефицата на владиниот експертски тим, Бојана Беовиќ, за Словенската телевизија еден ден порано изјави дека бројот на потврдени инфекции на 100.000 во последните 14 дена надмина 40, и дека епидемијата е „од големи размери“, а дека е особено загрижена што зголемениот број хоспитализирани пациенти се наоѓаат на респиратор.

Жариштата на инфекцијата се приватни забави, работни места и училишта, додаде таа, истакнувајќи го особено дружењето во кафеаните, па затоа епидемиолозите и предлагаат на владата да ја ограничи работата на гостилниците и баровите во доцните ноќни часови.

Таа ги повика медиумите секојдневно да ги информираат граѓаните за тоа како да се заштитат и какви мерки треба да се применат, потенцирајќи дека е важно пропишаните мерки да бидат доследно спроведени, за што треба да се грижи државата. А.Р.