Советот за безбедност предложи Владата да воведе кризна состојба, соопшти претседателот Стево Пендаровски, по денешната седница на Советот на која беше дискутирано за состојбата со корона вирусот.

Претседателот Пендаровски соопшти дека ситуацијата со коронавирусот е исклучително сериозна заради што по исцрпна дискусија Советот за безбедност донесол заклучок да се продложи  прогласување на кризна состојба на цела територија на Македонија во тек од 30 дена.

Иако и во моментов Армијата е активно вклучена во давањето поддршка и на полицијата и на здравствените институции во лимитиран обем, откако ќе биде прогласена кризна состојба тогаш Законот за одбрана и Законот за управување со кризи посебно даваат многу пошироки можности за поддршка на надлежните институции, пред се здравствените од страна на армијата, посочи Пендаровски.

-Втората важна разлика е во законската можност Владата да управува со ресурсите на органите на државната управа и на јавните претпријатија на општините и Градот Скопје. Но, тука вклучувајќи и трговските друштва, во овој случај, и приватните здравствени установи. Тука не станува збор за национализација на приватните болници туку за управување со нив во битката против пандемијата на коронавирусот таму кадешто Владата ќе процени дека треба – вели Пендаровски.

Според Пендаровски, кризната состојба нема врска со полицискиот час и не предизвикува рестрикции во движењето на граѓаните.

Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција по седницата на Советот за безбедност изјави дека вечерва или најдоцна до утре Владата ќе одржи седница и ќе се прогласи кризна состојба.

„Најдоцна до утре Владата ќе одржи седница и ќе прогласи кризна состојба“, посочи Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека ова значи дека сите капацитети и кадар од приватните болници и клиники се ставаат на располагање на државата.

Ова е прв пат во Македонија да биде прогласена кризна состојба на цела територија. Претходно кризна состојба беше прогласена во регионот околу јужната и источната граница поради напливот на мигранти. А.Н.