Советот на Европа предупреди на зголемениот ризик од корупција за време на пандемијата на КОВИД-19, на што е особено изложен здравствениот сектор.

„Не смееме да ја занемариме корупцијата во ситуација кога неспорните вонредни околности ја зголемуваат концентрацијата на моќта, ги намалуваат правата и слободите и големи количини пари се влеваат во економијата за да се ублажат последиците од кризата“, наведуваат од Стразбур.

Групата на држави на Советот на Европа против корупцијата (ГРЕКО) ги објави упатствата за 50 земји-членки со цел да се спречи корупцијата во вонредната состојба предизвикана од КОВИД-19.

ГРЕКО предупредува дека заразата на корона вирусот го зголемува ризикот од корупција, особено во здравството, заради зголемената побарувачка за медицинска опрема, поедноставени правила за набавки и преоптоварените здравствени установи и медицински персонал.

„Мерките преземени од централните, регионалните и локалните власти како одговор на пандемијата мора да бидат транспарентни, да бидат предмет на набљудување и одговорност. Во исто време, свиркачите и здравствениот сектор мора да бидат заштитени“, вели претседателот на ГРЕКО, Марин Мрчела.

Тој потсетува дека транспарентноста во јавниот сектор е една од најважните мерки за да се спречи каква било форма на корупција.

„Потребата за редовни и доверливи информации за јавноста е клучна во време на вонредна состојба. Ова се однесува и на информации за ширење и ризици од пандемија и за итните мерки што се преземаат“, рече Мрцела.

Во Советот на Европа потенцираат дека корупцијата може да влијае на јавниот и приватниот сектор, дека може да се поврзе и со набавки и со мито во областа на медицинските услуги.

„Корупцијата исто така може да влијае на областа на истражување и развој на нови производи, вклучувајќи конфликт на интереси и лобирање, а ризиците вклучуваат продажба на фалсификувани медицински производи“, соопшти Советот на Европа.

Антикорупциското тело на Советот на Европа констатира дека кризата со коронавирус не треба да ги компромитира вредностите и стандардите, вклучително и транспарентност и одговорност. А.Н.