Њујоршката берза беше погодена од вистинска „совршена бура“ во понеделникот, бидејќи инвеститорите, во страв од страв од ширењето на коронавирусот и саудиско-руската војна со цените на нафтата,  почнаа распродажба на акциите на компаниите по многу пониски цени, спуштајќи ја вредноста на берзанските индеси.

Индустрискиот индекс Дау Џонс изгуби 2.013,7 поени, или 7,79 проценти, како резултат на падот на акциите на Боинг, Епл, Голдман Сахс и Вотерпиларс, што го чинеше индексот најмалку 100 поени.

Дау ја затвори трговијата на 23.851,02 поени, што е негов најлош ден за тргување од 15 октомври 2008 година, кога падна за 7,87 проценти, пренесува „Си-ен-би-си“.

Индексот С&П 500 потона за 7,6 проценти на 2.746,56 поени, најмногу од 1 декември 2008 година, бидејќи инвеститорите се ослободија од акциите на финансиските и енергетските компании.

Во индексната кошница С&П 500 се нафтени гиганти како „Ексон Мобил“, „Хес“ и „Маратон оил“, што завршија со тргување со пад од над 20 проценти. Акциите на финансиските компании паднаа повеќе од 10 проценти, при што банките ЈПМорган, Ситигруп и Банка на Америка изгубија повеќе од 13 проценти.

Технолошкиот индекс „Насдак композит“ забележа минус од 7,29 проценти за да го заврши денот на 7.950,68 поени.

Масовната распродажба што започна само неколку минути по отворањето на тргувањето беше клучен предизвикувач за колапсот на Вол Стрит, што предизвика тргувањето да биде запрено на 15 минути, а потоа да продолжи во 9:49 часот по источноамериканско време.

Вчерашниот остар пад дојде по еднонеделните флуктуации на цените на берзата, во кои се забележува пораст и пад на индексот С&П 500 за повеќе од 2,5 проценти во четири последователни дена. Инвеститорите продолжија да бараат побезбедни средства за нивните инвестиции во услови на зголемени стравувања дека коронавирусот ќе ги затвори глобалните ланци на снабдување и ќе ја турка економијата во рецесија.

На големите превирања на берзата влијаеше и од одлуката на Саудиска Арабија да ги намали официјалните продажни цени на нафтата за април, наспроти претходната заложба за поддршка на пазарот на нафта со дополнителни намалувања на пумпањето. Оваа неочекувана одлука Ријад ја донесе по неуспехот на преговорите со Русија за понатамошно намалување на производството на „црно злато“.

Златото, кое инвеститорите го претпочитаат како едно од безбедните засолништа во време на криза, ја надмина цената од 1.700 американски долари за унца, достигнувајќи го своето највисоко ниво од декември 2012 година. Сепак, цената на бакарот се спушти на најниско ниво за повеќе од три години, на 2,46 долари. Бакарот се смета за барометар на економската побарувачка во широка смисла, со оглед на неговата примена во секторот на електрична енергија и производство.

Њујоршката филијала на Федералните резерви во понеделникот објави дека ќе ја зголеми сумата на пари што им ја нуди на банките за нивните краткорочни потреби за финансирање. За да се обезбеди непречено функционирање на пазарот за финансирање, ФЕД објави дека ќе го зголеми износот на репо-операциите за кредитирање преку ноќ за 100 милијарди долари на 150 милијарди долари до четврток.

Акционерите на девизниот пазар очекуваат американската централна банка да ја намали својата референтна каматна стапка за три четвртини од процентен поен на сесијата следната недела. А.Р.