Солунскиот филмски фестивал (од 2 до 12 ноември) на своето 58. издание понуди нешто сосема ново, понуди еден поинаков концепт, понуди идеја и визија, најмалку шест нови програми, 250 филма и инспирација за тоа што се може да се направи со филмскиот кадар. Земајќи ја како база филозофската мисла на Симон Веил, фестивалот на најдобар можен начин ги поврза луѓето со филмот, не оној филм што оди во киносалите, не оној филм кој е дел од програмата на фестивалот, туку оној филм кој зборува за нас, оној филм каде што ние сме во фокусот, оној филм каде што ние ја испишуваме приказната и таа ни е посветена токму нам, на обичните луѓе, на оние анонимни херои од секојдневниот живот, кои живеат покрај нас или во самите нас.
На тој начин Солун направи една таква спрега меѓу уметноста и човекот, канејќи го, не да биде набљудувач, туку учесник. И тоа му успеа. Му успеа уште од самите постери и нивната фасцинантна идеја да проговорат за шармот и заблудата на филмската слика. Да проговорат за животот, за реалноста, за фантазијата, за инспирацијата, за уметноста која е дел од филмот, но и за филмот кој создава уметност или едноставно ја преиначува стварноста. „Новата култура“, како што вели Симон Веил, е базирана, не на сила, туку на правда и љубов. Базирана е на страста, на храброста, на идејата, базирана е на настани од кои и ние сме дел, без оглед дали тие се реални или не, бидејќи најважно е да ги движат нештата и да создаваат визија која ќе не натера да бараме зад границите, да го испитуваме (не)возможното и да го отвориме умот за новите искуства.
ЕДНОРОГОТ ПРИСТИГНА ВО СОЛУН
Постерите со кои е преплавен градот зборуваат за магијата, зборуваат за неконвенционалното, за моќта на филмот да веруваме во чуда. Во Солун пристигна еднорогот, тука се балерините кои играат на површината на водата, над морската широчина летаат птици…, не, летаат жени, а таму меѓу сателитските антени се движат пропелерите. Таа игра продолжува и внатре, на филмското платно, пред почетокот на филмот ги гледаме кадрите кои како да не припаѓаат тука, а сепак, се фантастично вклопени. Над белата кула од нигде, никаде се појавува некој неидентификуван летечки објект кој пушта чудна светлина и набљудува, тука е крадецот на кого ќе му побегне автомобилот, па не му останува ништо друго туку да повика такси, итн, итн.
Годинава се е во знакот на кадрите, реалните и филмските, се е во знакот на филмот и волшебното, во знакот на играта и магијата, во знакот на стварноста и фантазијата. Младите веќе години наназад го опседнуваат пристаништето (каде што е сместен фестивалскиот центар) за време на фестивалот, па оваа година некако сето тоа толку добро се вклопи, во субверзивниот карактер на фестивалот, во потрагата по корените инспирирана повторно од Симон Веил, во секојдневните херои кои ги испишуваат филмските и животните приказни. И така се исцртува кругот, кој годинава донесе многу повеќе од фестивал, донесе, приказна, идеја, инспирација, ги спои времињата, ги спои луѓето, ја покажа магијата која не завршува на платното, туку таму само почнува.
ПОСТОЕЊЕ НА ПАРАЛЕЛНИ СВЕТОВИ
Telo i dusaИнтересно е дека годинава и за отворањето и за затворањето на фестивалот се одбрани многу интересни, смели, поинакви филмови, кои фантастично се вклопуваат во целиот негов концепт. Унгарскиот „Тело и душа“ е приказна за љубовта, но раскажана на еден многу неконвенционален начин, за двајца осаменици, чудаци, искрени, необични, невклопени. Се што прават, го прават докрај, неразбирајќи ја онаа прилагоденост, преправање или почитување на некакви конвенции и непишани правила. Кај нив се е чиста емоција, тие се во суштина разголени докрај, но и нејасни во својата самодоволност. „Тело и душа“ е вистински експеримент и во филмска и во секоја смисла, тоа е навистина приказна за телото и душата, односно за видливото и невидливото, за границите и немањето граници, за постоењето во некои други паралелни светови, како што се нивните соништа, во кои и самите се среќаваат. Филмот на Илдико Ениеди не се труди да се допадне, тој е сиров и одбивен на моменти, но неверојатен во својата вистинитост и искреност. Овој филм годинава ја освои „Златната мечка“ во Берлин, како и Наградата на критиката „Фипресци“.
Filmot ZabavaЗа затворањето, пак, е одбран филмот „Забава“ на Сели Потер, кој исто така ја имаше својата премиера во Берлин. „Забава“, во кој има исклучителна плејада на филмски ѕвезди, е црно-бел филм за средната класа, во кој забавата ќе се претвори во вистински ноќен кошмар. Поводот е политичкиот успех на Џенет (Кристин Скот Томас), но како што ќе доаѓаат гостите и како што ќе почнат да се разоткриваат работите меѓу неа и нејзиниот сопруг, кого го игра извонредниот Тимоти Спал, работите ќе станат сосема неконтролирани. Наеднаш се ќе се распадне повлекувајќи ги сите надолу и откривајќи ја целата валкана облека, криена толку добро зад блазираните конвенции. Неверојатна ерупција на настаните, но и фасцинантни ролји на: Бруно Ганз, Силијан Марфи, Емили Мортимер, Чери Џонс, Патриција Кларксон.
ИДА ЛУПИНО – СИМБОЛ НА ЕДНО ВРЕМЕ
Ida LupinoСолун некако годинава се претвори и во фестивал на жените. Веќе рековме дека целата идеја за годинешниот концепт се базира на филозофската мисла на Симон Веил, но фестивалот и за отворање и за затворање одбра филмови на две особени авторки, а тука е и посветата на уште една режисерка, вистински пионер во Холивуд во средината на 20 век, Ида Лупино. Впрочем, и самиот фестивал рече дека со посветите на Илдико Ениеди и Ида Лупино, прави своевидна посвета на минатото и на сегашноста, на оригиналниот израз и на одважноста да се биде свој по секоја цена.
Во Солун можат да се погледнат и четири филма на Ида Лупино (1918-1995), која била доволно смела да се занимава со табу теми во отворено машкиот Холивуд во 1950-тите години. А инаку, таа останува и првата жена која режирала филм-ноар, и тоа одличниот „Автостопер“ (1953), кој и од денешна гледна точка изгледа одлично. Ида Лупино била и актерка, која се појавила во стотина филмови, а освен што режирала шест играни филма, работела доста и на телевизија. На Солунскиот фестивал се прикажуваат и „Никогаш страв“ (1949), „Злосторство“ (1950) и „Бигамист“ (1953). Солун годинава понуди богата програма, многу новини и голем број гости, но за тоа во следниот текст.