Филмскиот фестивал во Солун (31 октомври до 10 ноември) оваа година ја слави својата шеесетгодишнина. И, се разбира, за една ваква импозантна бројка подготви многу интересна програма, со исклучителен избор на филмови, со неколку почести резервирани за маестрални автори, но и со нови програми и идеи. Доволно е само да ги спомнеме култните автори, како: Џон Вотерс, Алберт Сера, Душан Макавеев, Денис Коте…

Веќе трета година фестивалот одбира една тема, низ чија призма е конципирана програмата и која потоа е инспирација за создавање нови уметнички дела на младите грчки сликари, кои се поканети да ги погледнат филмовите и според сопствената инспирација да направат свои уметнички творби, чија изложба се одржува за време на фестивалот. Така ќе биде и оваа година, а некако во знак на јубилејот одбрана е тема која ги поминува границите и говори за вечниот предизвик на истражувањето. „Overview Effect“, тоа е кованица или поточно феномен кој го срочи авторот и истражувач, Френк Вајт. Ефектот има за цел да ги опише неверојатните емоции кои ги чувствуваат астронаутите кога првпат ја гледаат Земјата од вселената и го перцепираат светот во целина, што за возврат доведува до когнитивно поместување на свеста. Во таа смисла оваа кованица би можеле да ја преведеме како „вонземски ефект“ (бидејќи буквалниот превод „ефектот на прегледот“ не кажува многу). А интересно е дека за изборот на оваа тема, организаторите велат дека тоа е искуство кое може буквално да го промени човечкиот интелект до сржта.

„’Overview Effect’ е за начинот на кој ние ја гледаме Земјата, животот, себеси од далеку. Како ние откриваме дека работите што се чини дека не одвојуваат на Земјата, исчезнуваат кога ги гледаме од дистанца. Фактот дека астронаутите не можат да ги видат границите, класните, социјалните, културните или религиските разлики им овозможуваат на нив да ја сфатат тешката реалност на животот на Земјата. ‘Overview Effect’ не само што води кон когнитивна промена, туку исто така повикува и на акција“, објасни уметничкиот директор на Солунскиот филмски фестивал, Орестис Андреадакис, која е објаснета и како „интерпланетарно искуство на целосност“.

Оваа тема, впрочем како што беше и изминатите години, најмногу е содржана во изборот на филмовите од главната програма, во која се селектирани први или втори филмови на режисерите од светот што се борат за наградите „Златен, Сребрен и Бронзен Александар“. Годинава во оваа програма се вклучени 14 филмови, и тоа главно направени како европски копродукции. Од земјата домаќин, Грција, застапени се три филма, од Шпанија доаѓаат две остварувања, а по едно од: Норвешка, Австрија, Белгија, Ирска, потоа Бразил, Колумбија и Перу, исто така, копродукции со европски земји, па еден американско-француски и копродукцијата меѓу Сингапур и Тајван.

„Монос“ на Алехандро Ландес од Колумбија својата премиера ја имаше во Берлин, а на „Санденс“ доби Специјална награда на жирито. Тоа е приказна за група тинејџери односно членови на една чудна банда, кои живеат во изолирана област, во која владеат „строги“ правила. Мелина Леон од Перу во своето деби „Песна без име“ ја раскажува приказната за една жена, чие бебе ќе биде киднапирано. Многумина пристапот и темата ги споредуваат со „Рома“ на Алфонсо Куарон.

Белгискиот „Патрик“ ја доби Наградата за режија во Карлови Вари

Белгискиот „Патрик“ на Тим Миелантс, зборува за еден чуден 38-годишен маж, кој живее со своите родители во натуралистички камп. Фламанскиот режисер Миелантс ја освои Наградата за најдобра режија во Карлови Вари. Шпанскиот „Огнот ќе дојде“ на Оливер Лаксе го следи Амадор, кој ќе биде пуштен од затвор и ќе се врати во своето село во Галиција, каде што повторно една ноќ ќе се случи пожар. Додека австрискиот филм „Лилијан“ на Андреас Хорват, го следи патешествието на една руска емигрантка, која живее во Њујорк, но штом ќе и истече визата, ќе реши да замине дома пеш. Овој филм беше прикажан на канскиот „Кензен“. А темите зборуваат сами за себе, секоја на свој начин, навистина многу добро опфаќајќи ја темата.

Џон Вотерс имаше „карт бланш“ за изборот на неговите филмови

Веќе рековме дека во Солун доаѓа Џон Вотерс – иконата на т.н. култни филмови, познати по својата необичност и уривање на правилата на конвенционалната кинематографија. На Вотерс (Pink Flamingos, Female Trouble, Desperate Living, Polyester, Hairspray) буквално му беше дадено „карт бланш“ за самиот да ги одбере неговите омилени филмови што ќе се прикажат во Солун. Вотерс ќе одржи отворена мастеркласа и затворена работилница за младите филмаџии. На овој „крал на трешот“, како што го нарекува Вилијам Бароу, ќе му биде врачен „Златен Александар“ за неговиот придонес кон филмот.

„Брачна приказна“ со Скарлет Јохансон, Лора Дерн и Реј Лиота беше прикажан на Венецискиот филмски фестивал

За отворањето на фестивалот резервирана е  „Брачната приказна“ на Ное Баумбах, а за затворањето публиката во Солун ќе може да го види филмот што ја доби наградата на публиката во Торонто, комедијата „Јојо Рабит“ на Таика Ваитити. Годинава, она што е куриозитет, е дека на фестивалот се воведува нова натпреварувачка програма насловена „Запознај ги соседите“, која опфаќа филмови на дебитанти и студенти од Југоисточна Европа, источно Средоземје и Блискиот Исток, во која се вклучени многу автори од регионот, но не и од Македонија. Од нашата земја единствен филм кој учествува на фестивалот, се разбира, во програмата „Балкански преглед“, е новото остварување на Теона Стругар Митевска „Господ постои, името и е Петрунија“.