Подолг сон за време на викендите може да ги ублажи здравствените проблеми кои произлегуваат од недоволната количина на сон во текот на работните денови, па дури и да го намали ризикот од предвремена смрт, велат научниците.

Новата студија укажала на повисока стапка на смртност кај помладите и средовечните мажи кои ноќе спијат помалку од пет часа, но оваа разлика исчезнала кај оние кои успеале да го надоместат пропуштеното за време на викендите.

Утврдено е дека лицата помлади од 65 години кои спиеле помалку од пет часа секој ден (вклучувајќи ги и викендите) имале 65 отсто повисоко ниво на предвремен морталитет од референтната група која спиела шест или седум часа.

Интересно е што оние кои спиеле подолго од девет часа дневно исто така имале повисока предвремена смртност од референтната група.