Младата девојка Славица Петковска од Кратово и ден денес го негува споменот на нашата легенда Тоше Проески, и не само што ги слуша неговите песни, сака да ги посетува и местата кои тој ги посетувал. Самата вели дека за споменот на Тоше најсилно ја врзува кафулето “Планет” во Крушево, кое неодамна го посети со својата мајка.

-Конечно во нашиот “Планет”, да си го испијам наубавото кафенце, да ја раскажам приказната што самата јас ја видов таму, а воедно и уживав во убавата глетка, слушајќи ги песните на Тоше, дружејќи се со пријателите. Си поминав прекрасен ден, благодарение на мојата мајка, ни раскажа Славица за своите впечатоци.

Таа нѐ потсетува дека Тоше ги сакал и своите другари од детството, и кога и да одел во Крушево сакал да се види со нив, тие имале посебно катче за дружба тоа било омилено место на Тоше, кафулето “Планет”.

-Таму има фотографии од Тоше, таму е фотелата каде тој седел, сето тоа ми значи многу, и затоа јас имав желба повторно да одам во Крушево да го посетам тоа убаво кафуле, некогашното место на Тоше… “Планет” било омиленото кафуле на Тоше и затоа јас го сакам, всушност, сѐ што на Тоше му беше значајно и мене ми е значајно. Тоа му било негово катче на дружба со своите другари, пееле заедно, дури кога бил многу среќен со раката направил дупка на плафонот и ден денес дупката стои таму, ништо не сменето. Во “Планет” има фотографии од Тоше, јас се водушевувам кога ги гледам, радосна е Славица.

Но, и оваа, втора посета не ѝ била сосема доволна.

-Сакам еден ден да одам таму, да седам цел ден и да пуштам музика од Тоше и да испејам јас една песна гласно, да запејам да слушне цело Крушево да направам журка со песни од Тоше. Тогаш јас ќе бидам среќна чувајќи го споменот на него, чувајќи ја Љубовта, пеејќи ја неговата музика. Тоше од некаде горе ќе биде горд на мене. Го сакам Тоше и “Планет”. Ви благодарамшто ми го подаривте овој убав ден, ве сакам до небото, ни раскажа младата девојка.