Сунчица Уневска

Кошмарот низ кој поминуваат мигрантите од т.н. трети земји не е нешто ново или непознато, но секогаш кога одново ќе се соочите со тој ужас делува шокантно. Зошто? Бидејќи, не можете да верувате дека некој може да биде толку суров, толку нечовечен, толку брутален, толку лош спрема оние кои се обидуваат да побегнат од хаосот во својата земја и да најдат прибежиште за да продолжат донекаде нормално со своите животи. Се прашувате, зошто некој би ги гонел, зошто некој на таков грозен начин би ги спречувал, зошто некој би ги ловел или би ангажирал платеници за овие луѓе да ги оневозможи во нивните обиди? Се прашувате, дали е можно тоа да е вистина, дали е можно и денеска, покрај сите декларирања за хуманост и помош на настраданите, да се случуваат такви страшни работи и да се нема чувство за болката на другиот, без оглед од каде доаѓа?

Филмот „Европа“ на италијанско-ирачкиот режисер Хаидер Рашид, кој годинава е во трка за најдобар арапски филм, а беше и кандидат на Ирак за номинација за „Оскар“, е исклучителен филм, моќен, вистинит, болен, еден од оние освестувачки дела, приказна која ве соочува со најголемите стравотии и со целото лицемерие на денешниот свет. Впрочем, сето тоа што се случува на тие рути по кои одат мигрантите, било изненадување и за самиот режисер Рашид, кој по потекло е од Ирак, но роден е во Италија, каде што татко му преку исти такви рути побегнал уште во 1970-тите, во времето на Садам Хусеин. И иако донекаде знае од прва рака, сепак, она што денеска се случува на тие рути преминува во вистинска ноќна мора и во понижување на сè што е човечко.

Рашид ќе направи неверојатен филм без речиси никаков дијалог, следејќи ја судбината на еден од мигрантите, кој ќе успее да побегне на турско-бугарската граница и три дена ќе лута низ бугарските шуми. Додека, она што се случува, однесувањето на сите оние шверцери, ловци, платеници кои често се во договор со официјалните лица, за целиот ужас со кои мигрантите се соочени на тие балкански тури кога преку Турција се обидуваат да стигнат до Европа, го кажува на почетокот како податоци, навестувајќи дека сè ќе стане уште полошо поради моменталната авганистанска криза. Мигрантите се принудени на дивите премини да плаќаат многу поголеми суми од договорените, за веднаш потоа да станат мета на платениците кои не им дозволуваат да поминат, ги тераат да се вратат назад или, ако се обидат да побегнат, ги ловат и убиваат како диви животни. Во тие џунгли, како што вели Рашид, законот не постои, таму е сè дозволено.

Во фокусот на филмот цело време е едно младо момче кое во таа мешаница, кога на дивиот премин се случува вистински терор, ќе успее да побегне без никој да го забележи, бидејќи ако видат дека некој побегнал тогаш нема крај додека не го уловат. Но, тој ќе се провлече некако незабележано, буквално ползејќи по земјата и ќе се сокрие, за потоа да продолжи низ тие непознати диви предели барајќи спас и надевајќи се дека ќе најде излез. Камерата цело време е сконцентрирана на неговото лице и ни го доловува целото случување низ неговите очи, така што филмот го следиме низ крупните кадри во кој е така фатен неговиот страв и неизвесност, што ви ја заледува крвта.

Неговото патешествие е нешто невозможно, едноставно немате каде да побегнете, а не знаете ни каде одите, бидејќи патот го одредува само ужасот од кој се обидувате да избегате. Уште пострашно е кога ќе види и друг бегалец, кого ќе се обиде да го стигне. Но, потоа ќе се покаже дека е подобро што не го стигнал, бидејќи за него знаеја ловците и го убија пред неговите очи, без нималку колебање, буквално како диво животно. За тоа време тој се искачи колку што можеше повисоко на едно дрво, за да не падне во истата стапица. Меѓутоа, не знаете што е полошо, сè околу него е непознато, не знае ни каде оди, ни колку ќе издржи, гладен е, жеден, со скинати чевли, болката е неподнослива, а згора на тоа мора да се крие од секој шум. Уште кога ќе го слушнете податокот дека тие луѓе што не успеваат да преминат не се откажуваат, туку продолжуваат да се обидуваат 10 или 20 пати, бидејќи друг излез и немаат, не ви се верува дека, всушност, тие граници, како што вели еден арапски критичар, ги чуваат „чудовишта“ и не ви се верува дека и тоа е Европа, вистинска тврдина. Но, како за кого!

Но, продолжува и понатаму, уплашен, сам, изгубен, продолжува по патот на непознатото, се радува кога наидува на вода, да може барем да се измие и да се напие. Но, во тие џунгли се крие сè, па така доаѓа и до еден мртов човек, кој исто се обидел да ги премине тие предели и да стигне до „ветената земја“. Колку и да чувствува болка и тага додека се обидува со лисја и гранки да му направи гроб, сепак, ги зема неговите чевли. Тоа, и покрај оправданоста, и покрај фактот дека се борите за својот живот, ќе предизвика голем револт кај него, па кога оние упорни „чувари“ кои постојано ги пребаруваат тие шуми, ќе стигнат до тоа место и ќе сфатат дека има некој што е побегнат, тој ќе се осмели да нападне еден од нив и да го убие. Сепак, и покрај околностите, и покрај болката и стравот што тотално го менуваат човек, не секој се претвора во ѕвер. Иако соочен со грозоти, малтретирање и понижување од најлош вид, иако соочен со луѓе кои не даваат пет пари за другите луѓе и ги третираат на најлош можен начин, за ова момче одземањето туѓ живот ќе стане кошмар.

Но, нема каде, мора да продолжи да бега, и кога ќе успее да стигне до вистински пат ќе се понадевате дека тоа е крајот и дека некој ќе му помогне, но ни тука џунглата не завршува, бидејќи дури тогаш се сооочува со страшната параноја која генерално постои спрема овие мигранти, на кои многу од западните замји им ги затвораат вратите. За сето тоа се зборува и во медиумите, но секако, не за вистинските случувања и третман на тие луѓе, туку за заканата од нивното присуство. И иако ќе влезе во еден автомобил, сепак, тензијата е толку голема што ќе сфати дека е подобро повторно да побегне. Подобро или неопходно, тоа се ситуации во кои не знаете што е подобро, излез нема, има само надеж која продолжува колку што ќе успеете да издржите.

Филмот можеби не е конкретно вистинска приказна, но направен е според вистинските патешествија на овие луѓе, земајќи делови од нивните приказни, од различните настани и ситуации, што е содржано во зборовите на почетокот и на крајот, кои ги изнесуваат вистинските податоци добиени од хуманитарните организации, од самите бегалци, но и од некои официјални лица. Бидејќи, кошмарот не престанува. Секојдневно овие луѓе се обидуваат од безнадежноста да најдат излез, секојдневно тргнуваат на тие рути на смртта, иако никогаш не се знае дали ќе преживеат, иако плаќаат големи пари, иако се страшно третирани, но немаат каде, она единственото што ги води е надежта за подобар свет, ако не за себе, барем за своите деца.

Кога денеска ќе погледнете на сето ова, додека секојдневно сме преплавени со грижата за бегалците од Украина, и додека западните земји нагласуваат дека помошта што ја нудат се однесува само на оние што се жртви на агресијата од страна на Русија, но не и од другите воени жаришта низ светот, се прашувате каде, всушност, отиде светот, особено „цивилизираниот“. Како е можно денеска да се случуваат такви трагедии спрема мигрантите на копно или на море, како е можно денеска некои луѓе кои сакаат подобро да живеат и да најдат излез од стравотиите во своите земји, да бидат третирани како пониски суштества, па дури и гонети како животни. Зарем не им е срам…?

Но, изгледа дека не им е, и дека ова е вистинското лице на денешниот свет во кој живееме, лицемерието и (не)моралот. Тоа целосно им е јасно на овие луѓе што го осетиле тоа на своја кожа, но што можат да прават освен повторно и повторно да се обидуваат. Како безименото момче во овој филм, а и не е важно неговото име, важно е дека е човек, кој продолжува по патот на безнадежноста, кој продолжува да се надева и да го гледа излезот во неизвесноста. А филмот така и завршува, не знаеме што се случи со него, не знаеме што се случува со ниеден од нив, бидејќи неизвеснота е нивниот постојан придружник, па дури и кога навидум ќе најдат излез. Немирот и стравот не престануваат, тие се дел од нив, сè додека знаат дека некаде таму нивните сограѓани во безизлезот на невидливите џунгли и понатаму бараат излез.