Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго 

Ресенскиот автор Сотир Чаушевски на поетските манифестациите кои се одржуваат во земјава изминативе години освојува бројни награди, а Ресен и културниот живот во градот, го збогатува до ниво до кое досега не успеал ниеден креативец со децении наназад. Сака да остави трага. Трагата е повеќе од очигледна.

*Господин Чаушевски, Вашата нова книга “И бол и надеж” излезе од печат пред извесно време. Повторно збирка со лесночитлива убава поезија, но воочливо уште од прво читање, со малку пооинаква содржина. Овој пат се претставувате со пољубовна тематика, за разлика од претходната збирка ” За споменот на радоста”, која беше лепеза од повеќе теми и посветена на вашата Мајка.

-Збирката ја пишував без размислување за одредени теми, едноставно она што во душата тежеше во тој момент, тоа беше и преточено во стихови.

*Млад поет најчесто пишува за своите љубовни фантазии, а поет кому му поминала младоста пишува за своите љубовни сеќавања. Мене ми прозвучија песните и како обраќањето на саканата, како нешто што навистина било. Се лажам?

-Не, воопшто не се лажете, напротив влеговте во сржта на стихозбирката, болките за љубовта се големи. Знаете дека сум лице со телесен недостаток и често невозвратената љубов е тема на моите песни. За жал, но така е.

*Ќе ми дозволите да дадам уште една моја претпоставка, како читателка. Многу ми се допадна што збирката е на помалку од 100 страници, нешто што ретко го прават поетите. Често пати одат на обемност, дури и допишуваат песни ако треба. Овој пат со поослободен авторски израз, и програмирано точно, ни кажавте што имате на таа тема и ни збор повеќе.

-Не сум поборник на големи збирки, не дека ги нејќам, но сакам кога ја земам збирката во рацете да ја прочитам, често се навраќам за да ги разберам сите песни убаво, навлезам во радоста или болката. И тука можеби сум единствен и не жалам за тоа.  Читателот во денешно време не сака многу обемни стихозбирки или романи. Нема време, сака да прочита набрзина, ако го заинтригира ќе се наврати повторно, но тоа е само миг кој е вечен и секогаш кога некој ми кажува дека ја прочитал неколку пати верувајте се радувам затоа што е погоден со некоја песна и повторно и повторно ќе ја чита.

*Кога и од каква провокација најчесто ви надоаѓа инспирација за пишување? 

– И Вие сега ме провоцирате, нема провокација, едноставно во душата се собрала и тага и радост и некаде мора да излезе, е кај мене се појавува во стиховите, јас знам дека не пишувам којзнае какви убави песни, но читливи се, разбирливи и многумина сакаат да ги имаат и читаат.

*Следуваа награди изминативе години за вашите творби, за поезијата, за прозата, за составите. Доаѓаат од здруженија на граѓани, а тоа се заслужени награди и манифестации на кои присуствуваат љубители и приврзаници на убавиот збор. Сигурна сум имате многу, но кажете ни накратко, во главни црти.

-Награда како награда многу не ми значи, но сепак убаво е да ја добиеш. А, јас добив од многу страни награди и мило ми е што некој ја цени мојата поезија.

*Во Ресен како и сите места летово беа редуцирани голем број настани. Но вие не “мирувате”, како во областа на поетското творештво, така и во организирање настани за најмладите. Ако изминативе години тоа беа многубројни детски драми во Сарајот, годинава беше една ексклузивна манифестација на која децата ја читаа својата поезија, а во впечатливиот ресенски амфитеатар.

-Пред извесно време направивте интервју со претседателката на ЖАР Преспа-  Ресен, граѓанско здружение за културата и со него направивме многу настани и покрај пандемијата на Ковид-19. Строго ги запазувавме мерките, работевме онлајн и така снимивме детска претстава “Трите петки, Волкот и Зелениот”  од почитуваниот преспанец Владо Димовски, ќе го навредам ако не споменам од Долно Дупени, место кое е рај за душата и одмор за снагата и прибирање на нови и нови сили. Претставата може да се најде на Јутуб. Исто направивме прекрасна манифестација за која мислиме дека ќе стане традиционална “Детски Гласови” , Фестивал на детски песни, поезија, за деца до 15 години. Се одржа во амфитеатарот во Ресен кој за жал не е доволно искористен, се надевам дека помладите генерации ќе најдат свој интерес во тој објект кој навистина нуди прекрасни можности за културни активности.

*Што творите во моментов? Каква содржина да очекуваме во следната стихозбирка?

-Во последно време повеќе сум одаден на прозата. Веќе го завршив романот “Ќе престане ли дождот да паѓа”, не е и тоа многу голем роман, сакам кога се чита,  да се прочита во еден здив. Исто при крај сум со збирката на раскази под наслов “Моите раскази” , раскази од детството, од градот, раскази за болката и тагата, за љубовта и радоста. Исто веќе е при крај е стихозбирката со работен наслов “И по најцената ноќ, доаѓа Сонце”, верувам дека самиот работен наслов доста кажува, како и едно видување на Преспа и Ресен низ легенди и преданија.  Времево ме гази, сакам ова се да биде издадено, но финансиите не го дозволуваат тоа, а Ресен како мало гратче нема спонзори кои би ти помогнале, додека во министерството  за култура тешко се влегува за жал. Со ЖАР Преспа- Ресен  работиме на онлајн снимање на “За сите букви приказни” , од Владо Димовски, со кој ме врзуваат пријателски односи уште од млади години. Тоа е 31 приказна која е во фаза на подготовка, се надевам дека за брзо ќе биде готова. Интересна е, убава е, а младата популација може да научи доста работи.

*Никогаш не е доцна, чинам, за ништо, ниту да се љуби и да се пишува за љубовта нити да се пее, ниту да се доедуцира човек. Кој што сака, тоа. Но, Вашата активност во пишувањето доби тек и интензитет по пензионирањето од официјалната работа. Но, оттогаш вие сте најактивен во многу работи. Не мирувате. На што се должи таа желба, слободното време да се искористи максимално продуктивно или желбата да се остави зад себе што поголема авторска трага?

-Не желба, сакав да оставам трага, јас оставив многу траги од аматерски театар и учество на аматерски драмски смотри во нашата земја и надвор од неа, во Струмица, Велес, Кочани, Кавадарци, Струга, во Романија, Бугарија, Полска, Унгарија и други места со свои или претстави режирани од мои пријатели. Се надевам дека здравјето ќе ме послужи и сите овие активности ќе бидат спроведени. И на крај морам да кажам дека во Даринка Веслиевска од ЖАР Преспа- Ресен наидов на човек кој си ја сака својата професија, човек кој сака и умее да работи со деца и мислам дека таа е наследникот. Тоа е што работам во моментов. Дозволете ми на крајот да Ви се заблагодарам за соработката што ја имаме и воедно на сите да им ги честитам Новогодишните и Божиќните празници, со желба за добро здравје,   среќа, радост, успех во работата. Благодарам на text.mk за интервјуто и воедно на сите им посакувам Новата 2021 да им биде среќна, весела, успешна, а здравјето да е на прво место.