Разговараше:Валентина Ѓоргиевска Парго

ТЕКСТ.МК: Сотир Чаушевски е веќе препознатливо перо, пишувач од мерак, и опишувач на неговите видувања на разни теми. Годинава објавивте и нова книга поезија, во ваш препознатлив манир, каде е конкретно и јасно претставена секоја ваша мисла и размисла. Мала книга, но пишувана чинам со голема  инспирација.

ЧАУШЕВСКИ: Точно така, нема да речам како многумина пишувам уште од малечок,не,сум пишувал,но не било тоа такво пишување со кое можам да се пофалам. Пред извесно време излезе од печат мојата стозбирка СПОМЕНОТ НА РАДОСТА, верувајте ми јас се радував повеќе од се, затоа што тоа е пред се спомен на радоста на мојата мајка која знеше да се радува на секоја ситница, на сонцето, месецот, ветерот, дождот, но нејзината радост беше неизмерна кога се работеше за цветот, дрвото, плодот. И токму на тоа, сакајќи да и се оддолжам на некој начин за нејзината животна поткрепа, не знам дали некој можеби не знае, јас сум лице со телесен инвалидитет, прележана детска парализа. Иако е мртва веќе повеќе од десетина години, нејзиниот лик е пред мене, насмевката ме храбри се уште. И знам само едно вечно ќе и бидам благодарен.

ТЕКСТ.МК: Разноликоста на темите и на стиховите, се можност низ нив секој да си најде нешто допадливо, нешто за себе. Мене најмногу ми се допадна песната за вашата мајка.

ЧАУШЕВСКИ: Имам повеќе песни за мајката,мене лично таа песна ми побудува и тага и радост.

РАДОСТА НА МОЈАТА МАЈКА

Не се сеќавам на денот

кога една семка долета во дворот,

не знам, кој ветер ја донесе,

од каде дојде,

радост да направи.

До годината,

млада фиданка, никна

се радуваше мајка,

ко солза ја гледаше.

По неколку години,

израсна прекрасната, дуња,

од која мајка,

среќна се насладуваше.

Смртта ја зеде

во нејзиниот преграб.

Од тој ден

секому, подарувам

по една дуња.

за љубов,

за спомен,

за сеќавање на радоста на мајка.

ТЕКСТ.МК: Наградите ве пристигнаа неочекувано. Следуваа и награди од неколку здруженија на поети.

ЧАУШЕВСКИ: Награда како награда годи и убаво е да ја добиеш, но многу не сум по наградите, најискрено. Повеќе сакам песната да му се допадне на читателот, но некако гледам читатели се помалку, а за поезија многу малку што навистина кога ќе размислиме дека имаме едни од најдобрите светски поети, кои со својата поезија го брануваа светот тогаш треба да се запрашаме зошто е тоа така. Верувам ако малку повеќе размислиме ќе најдеме и одговор.

Ми се чини дека имаме хиперпродукција на поезија, верувам дека со тоа се губи и на квалитет. Не знам, размислувам, може да се пишува повеќе, точно, но дали е тоа таа инспирација, не верувам.

Кога сум кај поезијата упатувам една голема благодарност до Биљана Солунчевска, Мери Арсовска, Биљана Тодоровска, Славко Крстевски и за жал сега покојниот Златко Бошевски кои и ме натераа повеќе да пишувам и секако ме охрабрија тоа да го правам.

ТЕКСТ.МК: Имате доста поезија, секако напишана во соодветна мера, ни премалку, ни премногу, но она што посебно ве карактеризира како пишувач се расказите. Трогателни се. Емотивни. И најчесто од вашиот живот. Како се создаваат тие? И кога? Треба ли долго да тлеат, да одлежат… и Преспа?

ЧАУШЕВСКИ: Расказите,тоа е животот напишан на една страна.Некогаш треба многу време за да се напише, некогаш зборовите извираат. Обично пишувам навечер,кога сите спијат. Точно така, трогателни и емотивни. Тоа е мојот живот.

Болката од Широк Сокак

Во Битола има една улица,кој еднаш дошол,застанал во неа и погледнал низ улицата и во убавите битолски чупиња ,тој секогаш ќе се навраќа во таа улица Широк Сокак наречена.

Со приказни безброј,разделби и средби,со солзи ,насмевки ,прегратки слатки кои ја стоплуваат душата ,но и настани кои ја замрзнуваат душата.

Тоа е Широк Сокак.

Крие тој многу тајни.Секоја плочка,секое светло,секој дуќан,дал бол или радост донел.

Јас секогаш сакав кога Битола доаѓав таму денот да го минам.Интересно ми беше,од мал град,градче што би се рекло,одеднаш во град во кој толку народ се слива по таа улица која неизмерно ја сакав.

По цел ден ме чекале моите најблиски по мајка роднини,но јас со вперен поглед во убавите девојќи кои шетаа,се кикотеа ил си раскажуваа заборавав кај дедо ми дома да си одам.И ако одев,одма пак назад сакав да се вратам,

Мал бев,се сеќавам,пред мене така разиграно помина едно младо девојче,со насмевка на лицето и се погледна во мене.

А,јас замрев,тоа девојче мало,така убаво,со шарено фустанче и бели чевличиња и чорапчиња,срцето ми го растрепери.

Се погледна во мене и добар ден ми рече,но замина брзо без поздрав и само насмевката ми остана.

И така секој ден излегував девојчето да го видам,но го немаше.Се до еден ден кога зад мене застана.

Ме гибна,и разговор со мене почна.

Од кај си?- ме праша.

И кажав со радост,а тоа цело време во бастунот и високиот чевел што го носев гледаше,но ништо не прашуваше.

Името ми го кажа и имам 7 година ми рече.Знам кој си и кај си дојден ми рече,те гледам секој ден кај црквата свети Димитрија.Ќе сакаш ли другар да ми бидеш?

Толку брзо зборуваше,збор не ми даде да кажам.

Радосно прифатив,никогаш не ме праша за бастунот,нити за чевелот,нити навреда ми прати.

А,толку беше убаво девојчето мило,со насмевка на лицето,со плетенки на косата,со шареното фустанче,белите чевличиња на Широк Сокак шетавме.Раката ми ја фати и така ме држеше,детска љубов никна.

И секојдневно бевме заедно

А,јас секое лето одев во Битола и на Широк Сокак седев,пораснавме,девојката убавица правa,

Во телото здрава,со насмевка која душата ти ја пара.Не се оделуваше од мене.

А јас……јас само се прашував што ли е ова.Љубов,пријателство,другарство ли е?

Но ,таа ме сакаше,очите и светеа,Имавме свое место,светло и коцки,плочки и излог на дуќан во кој гледавме смело,весело,насмеано.

И Широк сокак со нас се смееше,се до еден ден кога девојката повеќе не ја видов,мислев дека не сака мене да ме види,ја барав,ја немаше,прашував,одговор не добивав,но не беше така,одев кај дедо ми со мака и тага и видов на бандера една во некролог еден слика и веднаш солзите ми бликнаа и никогаш не ја заборавив мојата мала од Широк Сокак во Битола.

Мртва беше,а и јас заедно со неа и многу,многу години не застанував на Широк Сокак.

И сега кога одам солзите сами си паѓаат,без да ги викнам ,цвеќе секогаш на гробот и носам и знам дека не ја заборавив и во овие доцни години.

Се сеќавам беше прекрасна како млада девојка,но не можам да ја заборавам како  мала,со шарено фустанче,чевлиња бели и плетенки со пеперутка направени.

А,нејзината рака ставена во мојата се уште топлина ми дава.

ТЕКСТ.МК: Додека љубителите на поетскиот збор ве знаат по поезија и по раскази, пошироката публика ве знае по драмите и напати глумата, кои се прикажуваат најчесто на “Денот на актерот” во Ресен, водите и актерка школа, подучување млади автори и актери.

ЧАУШЕВСКИ: Одамна сум во театарската уметност, пет години учествувам на Актерот на Европа, инаку аматерски се бавам од доцните шеесети од минатиот век,што на аматерски драмски фестивал во Струмица, Велес, Кочани, што на домашен терен, па и нешто во странство.

Многумина сега се актери ,работеле со мене претстави.Некои се во пензија,некои се уште работаат,некои допрва ќе се докажуват. Александар Џуровски, Анастас Тановски, Љупчо Ангелов, Весна Гаврил, Марија Кондовска. Еве сега се појавува една млада девојка која доколку не ја смени одлуката би била идеална актерка. Сара Марковска,нека се запамти тоа име!

Морам да ја напоменам соработката со една прекрасна личност М-р Даринка Велкова Веслиевска со која само оваа година направивме претстава за деца Новогодишна бајка,Бел заб-здрав заб,претстава за деца од 5-10 годин,а,посебно место завзема претставата Денот кога се заљубив, претстава за повозрасни деца, деца во годините кога љубовта се појавува, процветува или венее, работена по текст на Биљана Тодоровска која би требало наредниот месец да магистрира на драматургија, а со која ме поврзува тесна соработка на неколку претстави. Претстава во која играат деца со попреченост и деца од училишна возраст, инклузивна, прекрасна претстава.

ТЕКСТ.МК: Творецот носи неисцрпна енергија, но лично Вие, кога препознавате дали еден мотив треба да го пренесете во стихови, кога во проза, а кога во драмски текст? Можеби е неблагодарно, но што од овие форми најсилно ја пренесува пораката?

ЧАУШЕВСКИ: Искрено,мојата љубов е театарот, најмасовно се гледа, но и убаво напишаниот збор, правилно искажан е она што ни треба.

ТЕКСТ.МК: Вие сте од старо градско ресенско семејство, Чаушевци. Старите семејства кријат доста “тајни”. А некои ресенски семејства се опеани и во песни. Не ви се чини ли дека недостига една книга за старите семејства на Ресен и Преспа? И неизоставно и за Сарајот и неговите тајни.

ЧАУШЕВСКИ: Наметнувате тема за која навистина долго размислуваме, но за жал нема многу податоци,нити пак можат да се најдат за да се напише една таква монографија за фамилија или Сарајот.Потребно е многу време за да се напише тоа, можеби години, големи истражувања, а средства нема, верувајте најболната работа во сета оваа активност.

ТЕКСТ.МК: Да се навлезе во зоната на Преспа е една дозволена широчина, за секој автор особено за авторот роден во неа. По нешто и архивирате. Отпеана ли е доволно, кажано ли е се за таа вечна убавица? На крај, во што лежи мудроста на Преспа?

ЧАУШЕВСКИ: Никогаш Преспа не може да се опее до крај, крие многу тајни. За жал, никогаш во Преспа не постоел архивар како работно место, мислам за забележување на настаните што се случуваа и ќе се случуваат и оттука фалат многу, многу работи. Неколкумина како Кирил Јоновски, Ѓорѓи Горгиевски пробале, настојувале, но докрај не успеале, а сега веќе и да нема некој што нешто ќе напише.

Жалосно е ова што сега се случува со Преспа, од економска, од туристичка, од секаква гледна точка. Нема напредок, само се вртиме назад и гледаме уште колкумина останавме. Преспа е веќе запустено за жал, а е прекрасна.Треба само човекот да се ангажира и се ќе се среди. Се надевам, но моите години таа надеж ми велат дека нема да ја видам.

Во што лежи мудроста, во човекот. Имаме прекрасни луѓе.