четврток, април 25, 2024
домаСо два концертни настани завршува годинашното „Скопско лето“

Со два концертни настани завршува годинашното „Скопско лето“

Преостануваат уште само два настана од овогодишното 42. издание на манифестацијата „Скопско лето“ 2021. В четврток  на 29 јули, ќе се одржи концерт насловен „Модерниот дух на староградската песна“ на Лаура Крлиу и нејзиниот бенд, со почеток во 20:30 часот на Факултетот за ликовни уметности – објектот Сули ан. Идејниот концепт е на Лаура Крлиу, а аранжманите се на Антоние Весковски. Сите песни ќе се изведуваат на албански јазик.

„Модерниот дух на староградската песна“ е концерт на кој Лаура Крлиу придружена од нејзината група ќе ги изведат најубавите староградски албански песни во нови модерни аранжмани како и неколку авторски песни.

Настапуваат: Лаура Крлиу – вокал, Фјола Исмаили – придружен вокал, Кренар Исмаили – виолина, Славко Ѓоргиев – саксофон, Петар Лукич – пијано, Неврус Бајрам – гитара, Иван Петровски – гитара, Дејан Митровиќ – бас гитара, Антоние Весковски – тапани, Ратко Даутовски – перкусии.

Лаура Крлиу како долгогодишен уметник – пејач, ќе ги испее најубавите староградски песни на начин на кој што досега не се изработени. Покрај тоа Лаура за прв пат ќе изведе свои песни на концертот во истиот стил. Оркестарот ќе го сочинуваат музичари од повеќе етнички заедници како и танчерска група, за што ќе придонесат овој концерт да биде фузија од уметности и култури на кој публиката нема да остане рамнодушна. „Модерниот дух на староградската песна“ е проект со цел да се оживеат најубавите староградски албански песни со нови модерни аранжмани.

Концертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани, а влезот ќе се регулира со билети по цена од 200 денари кои ќе може да се купат пред почетокот на концертот на влезот на Сули ан.

Во петок, 30 јули, овогодишното 42. издание на „Скопско лето“ ќе се затвори со концерт насловен „Вода“ кој ќе се одржи во Куршумли ан со почеток во 21:00 часот. Изведувачи на концертот се Давор Јордановски – клавијатури, Алек Секуловски – тапани, Огнен Георгиевски – електричен бас, Оливер Јосифовски – контрабас, Сања Шуплевска – виолина, Орце Зафировски – фагот, Александар Јовевски – кавал, тамбура. Специјални гости се Љубојна и Васил Гарванлиев.

Концертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани, а влезот ќе се регулира со билети по цена од 300 денари кои ќе може да се купат на karti.com.mk и на влезот на Куршумли ан пред почетокот на настанот.

Музиката на „Вода“ е вешто изработен спој на заводливи балкански мелодии со џез, фанк, класични и рок стилови.

Познатиот пијанист, композитор и продуцент, Давор Јордановски и неговата група „Вода“, го нурнуваат слушателот во древни звучни предели, обмислени со модерен вкус. Покрај разновидноста во инструментацијата и интелегентно распоредените ритмички варијации, музиката на „Вода“ се одликува и со динамична и течна инструментација и звук. „Вода“ се храни од својата околина и зазема форма во контекстот на она што се изведува, отелотворувајќи, истовремено, спокој, чистота, промена, моќ и бес – исто како и самата вода.

Давор е роден и пораснал во Македонија, живее во Канада, а поминал и неколку години во Либија, како дете. Впечатоците од живеењето во таа култура останауваат со него додека расте во неговиот роден град Скопје, каде е под влијание на музиката од Балканот и Европа. Во Канада, синтезата на музичките култури во музиката на Давор еволуира во уникатен стил, „world fusion“ што успешно обединува бесконечен спектар на разновидни звуци, инструменти, аранжмани и чувства. Давор своето класично музичко образование го продолжува и надградува со истражување на разни музчики стилови, како поп, џез, R&B, музика за филм, jazz fusion, амбиентална, како и музика за симфониски оркестар.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ