Завесата на годинешното 61-во издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде крената вечерва на Античкиот театар во Охрид со почеток во 21 часот со спектаклот „Големиот Чајковски“ во изведба на Националната опера и балет на Република Северна Македонија.

Публиката ќе ужива во најубавите дела од рускиот композитор Петар Илич Чајковски, балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“ , како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“.

Грандиозниот проект  на сцената на Античкиот театар ќе донесе  над 90 уметници. Под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, ќе настапат балетските  првенци Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичиашвили и Бобан Ковачевски, како и солистите, ансамблот и оркестарот  на Националната опера и балет.

Од  Националната установа „Охридско лето“ велат дека сѐ е подготвено за успешен почеток на уште едно фестивалско издание исполнето со 40-дневна квалитетна програма што ќе ја доловат врвни имиња од светот на уметноста.

-Годинава на фестивалот ќе настапат околу 500 уметници  од 18 земји. Горди сме, но истовремено чувствуваме и одговорност што ќе реализираме уште едно издание во услови на пандемија кога е неопходно да ги спроведуваме сите здравствени протоколи издадени од надлежните.  Што се однесува до програмата, ќе понудиме возбудлив репертоар  со квалитетни уметници и адаптирани сцени на кои ќе се испишува уште една успешна приказна во долгогодишната фестивалска историја , вели директорката на НУ „Охридско лето“ , Наташа Поповиќ.

Најголемата музичко-сценска манифестација во земјава, „Охридско лето“,  се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, а со поддршка на Министерството за култура и Владата на Република Северна Македонија.  Генерален спонзор е Македонски телеком, а фестивалот е помогнат и од Општина Охрид, како и од бројни спонзори и помагатели. Заради реномето што го има изградено во текот на изминатите шест децении, „Охридско лето“  е и дел од Европската асоцијација на фестивали.