Директорот на компанијата „СпејсХ“, Илон Маск, откри дека јапонскиот милијардер Јусака Маезава, основач на компанијата „Зозотаун“, ќе биде првиот приватен патник на Месечината.

За оваа мисија „СпејсХ“ ќе ја користи својата иднина масивна ракета наречена „Биг Фалкон Рокет“ или скратено БФР. Маезава планира да тргне на пат најрано во 2023 година и сака да земе и уметници за заедно да го претворат патувањето во еден уметнички проект насловен #dearMoon. По најавата на мисијата, покрената е и интернет страница.

„Конечно, можам да кажам дека одлучив да одам на Месечината и тоа со уметници“, рече Маезава, најавувајќи го своето патување на настанот на компанијата „СпејсХ“.

Четириесет и двегодишниот јапонски милијардер има богатство проценето на 2,9 милијарди долари. Тој исто така е колекционер на уметнички дела и потроши 110,5 милиони долари минатата година на слика на Жан-Клод Баскијат од 1982 година, наречена „Без наслов“. Како уметник сака да ги повика другите да му се придружат на патувањето. Тој рече дека ги купил сите места во БФР и дека се радува на мисијата на Месечината, која ќе трае седум дена. Со себе ќе земе уште шест уметници од различни сфери, сликари, музичари, филмски режисери и други.

„СпејсХ“ не објави никаква програма за обука која Маезава треба да ја помине пред патувањето.

Развојот на ракетата БФР ќе чини околу 5 милијарди долари.