Во присуство на славни ромски актери и млади филмски работници, на претставници од амбасадите, германското аташе за култура, госпоѓата Катрин Фринсфелд, францускиот амбасадор, неговата екселенција Кристијан Тимоние, синоќа во Кинотека на Македонија се спушти завесата на Интернационален филмски фестивал „Златно тркало 2018“, организиран во чест на 8 Април – Светскиот ден на Ромите.

Беа прогласени и најуспешните документарни филмски остварувања за оваа година. Главната Гран При награда ја освои „Споделена гордост“ (Shared Pride) во режија на Боб Ентроп од Холандија, инаку и поранешен добитник на најпрестижната награда на овој фестивал.

Во останатите категории добитници на плакети беа филмовите: за најдобар режија -„Роми во талкање“ (Roms en errance) – Автор Бернард Клајндинст, Франција, за најдобро сценарио – „Тоа беше смешен живот“ (Das war das lustige Leben) – Автор – Харко Вубс, Германија, најдобра фотографија – „Лук и лубеница“ (Garlic and watermelons)-Продуценти-Камерун Хакеј & Лорен Финеј, Грција и САД, додека за најдобра музика -„Ограда“ (Ograda) – Автор – Зоран Миленовиќ (РТВ Зајечар), Србија.

Наградата за филм посветен за Ромска платформа е видео кампањата – Младите во борба против Трговија со луѓето – Граѓанско здружение „Тернипе„ – Пирот Радмила Нешиќ.

Во категоријата за добитници на изработка на едноминутно видео им беа доделени дипломи за учениците од ОУ „Васил Главинов„ од Скопје и тоа како награда за прво место е „Виртуелни и реални пријателства„ – Амет Миза – 5/2 – ОУ, Васил Главинов, втора награда е „ Што се баба и дедо?„ – Нафије Мамути – 5/3 – ОУ Васил Главинов, додека трета награда е за „Без насилство на училиште“ – Бајрам Агуши – 4/1 – ОУ Васил Главинов.

Пред прогласување на победниците беше прикажан ревијално најновиот документарец на СП БТР Продукција „Локални Херои – Светски таленти“, убав опуштен и пријателски документарец со славни Роми од Топана, а во филмот ги видовме Есма Теодосиевска реџепова, Северџан Бајран, Васка Јанкоска, Муарем Сербезовски, Дишо, Цирко, Сафет Камбер, Емир Кустурица, Горан Бреговиќ, Самка Ибраимовски, во неколку кадри и Тоше Проески како ја пее „Ерделези“, Рахим Бурхан, политичарот Фаиќ Абди беше наречен Ромскиот Мартин Лутер Кинг, а меѓу низата познати личности во филмот е застапен и директорот Зоран Димов, првиот ромски Претседател на сите Роми во Светот.

Важна изјава во филмот е архивскиот запис во кој се спомнува дека Ромите за прв пат во македонскиот Устав се спомнати како посебна нација, и со тоа за прв пат и се прогласени за нација.

По 16-ти пат организатор беше СП БТР Продукција, а и оваа година како и изминатите неколку изданија на „Златно тркало“, фестивалот финансиски беше поддржан од Филмскиот фонд на Македонија.