Според најновите истражувања, секој од нас во просек поминува околу 7,7 часа дневно во седечка положба. Секојдневното седење има многу негативни ефекти врз телото, додека физичката неактивност е четврта најчеста причина за смртност во светот.

Бидејќи бројот на „седечки“ професии се зголемува, експертите предупредуваат да реагирате пред да забележите некои од овие проблеми.

Долен дел од грбот

Подгрбавеното седење на маса првично може да предизвика помали болки во грбот, што се влошуваат со текот на времето. Лошата положба води кон стегање на ‘рбетните дискови, што може да предизвика трајни проблеми. Она што можете да направите за да го исправите грбот е да користите тастатура која е физички одделена од компјутерот, за да не се надвиснувате над неа. Доближете ја тастатурата до себе, за вашите лакти да стојат во близина на телото, додека зглобовите се испружени.

Врат

Седењето пред компјутер е напорно за ‘рбетот, бидејќи држењето на главата под агол од 30 степени бара од три до четири пати поголемо напрегање на мускулите отколку кога ја држите под агол од 90 степени, велат експертите. Затоа, потребно е да го поставите мониторот на компјутерот така што центарот на екранот е на ниво со брадата, со што вашиот врат ќе биде во неутрална положба. Ако не можете да го поместите мониторот, поставете го на подлога за да не ја наведнувате главата.

Нозе

Кога нозете не можат да се испружат или преместуваат, мускулите на нозете почнуваат со време да болат. Оваа болка најпрво е послаба, но со текот на времето станува посилна. Затоа, треба да го поместите столот, така што ќе ви биде поудобно на нозете. Кога седите, стапалата треба да бидат рамни со подот, а колената свиткани и малку над нивото на колковите.