Зад затворени врати остана исходот од тричасовните разговори на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коцијас, кој се одржа со посредство на претставникот на ОН Метју Нимиц во Виена.

Само Метју Нимиц за новинарите кратко по средбата изјави дека двете страни се посветени на решение на неколкудеценискиот конфликт меѓу двете земји за името на Македонија, и дека тие ќе продолжат и во наредните недели.

Грчките медиуми средбата ја карактеризираат како клучен настан во дијалогот за името, кој како што се очекува, треба да заврши до јуни.  Тие потсетуваат дека премиерот Зоран Заев вчера изјави дека очекува чекор напред во преговорите, додека портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕаканопулос рече дека Атина има направено отстапки, но сега е време тоа да го направи и Скопје.

Двајцата министри за надворешни работи, на почетокот на следната недела, на 3 и 4 мај, ќе имаат нова средба во Солун, а потоа во Соунион во близина на Атина, на 11 мај и 12 мај. Пред средбата во Виена, тие се состанаа на 12 април во Охрид, кога Димитров и Коцијас соопштија дека преговорите напредуваат, но клучните прашања остануваат отворени.

По Виена, беше најавено дека Коцијас ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Брисел, кога, според медиумите, исто така, ќе разговара за новото име на Македонија, како и на други теми.