Заврши 23. издание на Сараевскиот филмски фестивал кое годинава понуди дури 235 филма. Интересно е дека во Главната програма беа вклучени само седум, и тоа два од Грузија и ниеден од поранешните југословенски републики. Победата ја однесе „Страшна мајка“ направен во грузиско-естонска копродукција, инаку дебитантски филм на 27-годишната Ана Урушаџе. Жирито предводено од мексиканскиот режисер Мишел Франко реши ова остварување да го прогласи за најдобар филм на фестивалот и да му ја додели наградата „Срцето на Сараево“.

Strasna majkaМора да кажеме дека одлуката беше помалку чудна, бидејќи „Страшна мајка“ е филм кој гравитира меѓу драма, хорор и трилер и тоа на многу чуден начин, но исто така гравитира и меѓу минатото и сегашноста, говорејќи од една страна, за современото грузиско општество, но од друга страна, визуелно тоа е филм поместен во некое минато време. Неговиот почеток навестува една сосем поинаква приказна за женската слобода и потреба за изразување, за нејзината несфатеност и болка поради одземањето на скапоценото за неа, да биде своја и да патува низ лавиринтите на својата бујна фантазија. Но, потоа ќе се претвори во нешто сосем друго, за да заврши како вистински хорор, оставајќи една трага на злокобност зад себе. Главната актерка Ната Мурваниџе одлично ја игра 50-годишната домаќинка Манана, која гравитира меѓу својата страст за пишување и фантазијата која не и дава мир, дека таа е митско суштество кое, всушност, ја бара својата одмазда, што на крајот ќе испадне и реалност.

Годинешното жири, во кое покрај Мишел Франко беа и: хрватскиот актер Горан Богдан, директорката на Филмскиот институт во Доха, Фатма Ал Ремаихи, уметничкиот директор на фестивалот во Велика Британија, Марк Адамс и турската актерка Мелиса Созен, му додели две награди на романскиот филм „Меда или не Filmot Medaтака сјајната страна на работите“, уште едно деби на Емануел Парву. „Меда“ е тежок филм сместен во еден рурален регион, каде што многу тешко се преживува. Дору, кого извонредно го игра Сербан Павлу, ќе се најде во незавидна ситуација кога ќе почине неговата жена, а тој сака да ја задржи 14-годишната Меда на која не и е законски старател и која државата може да му ја одземе. Овој филм ја освои наградата за најдобра режија и наградата за најдобра машка улога на Павлу.

За најдобра актерка, пак, беше прогласена Орнела Капетани за улогата во албанскиот филм „Будење на денот“ на Гентијан Кочи, која Орнела и ја посвети на својата мајка. „Будење на денот“ е уште една тешка драма за животот на овие простори, поточно за преживувањето и барањето начин како да се задржи своето семејство. Младата Лета ќе биде исфрлена од својот стан со едногодишниот син, за да се најде во една апсурдна ситуација, кога ќе мора да одржи во живот една неподвижна старица за да го задржи кровот над глава. Инаку, наградите во Сараево се и парични, па така најдобрите актери добиваат по 2.500 евра, наградата за режија носи 10.000 евра, додека главната награда изнесува 16.000 евра.

Оваа година беше доделена и Специјална награда на жирито и тоа за бугарскиот филм „Насоки“ на Стефан Командарев, кој е направен во копродукција со Германија и Македонија, преку продукциската куќа „Сектор филм“. „Насоки“ е уште една приказна за вечната транзиција, за коруптивното и криминално општество, за земјата од која сите излезот го гледаат надвор. Филмот е раскажан низ оние честопати користени приказни од таксито и како актерски ансамбл навистина ја заслужува наградата, додека како филм целосно односно како сценарио има доста проблеми и банализирање на нештата во недостаток на идеја како приказните низ тие мали епизоди да ја добијат својата автентичност.

„Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм отиде повторно во Грузија, и тоа за „Градот на сонцето“ на Рати Онели, за рударскиот град Чиатура кој денеска личи на постапокалиптичен град на духови. Во оваа програма Македонија годинава единствено имаше свој филм, кој се бореше за награда, „Со љубов“ на Илија Цветковски, една топла и позитиван приказна која наиде на добар одѕив кај гледачите, па дури се најде на трето место по гласовите на публиката.

Наградата за најдобар краток филм ја доби хрватскиот „Во синилото“ на Антонета Аламат Кусијановиќ, додека новововедената награда за најдобар студентски филм, во чие жири беше и македонската режисерка Теона Стругар Митевска, отиде кај босанскиот „Чист“ на Невен Самарџиќ.

HoneylandВеќе пишувавме дека Македонија годинава имаше повеќе проекти во различни фази на развој кои беа претставени во оној таканаречен индустриски дел на фестивалот. Она што е за нас најинтересно е дека документарниот филм „Honeyland“ на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, чии продуценти се Љубо Стефанов и Атанас Георгиев, селектиран во Cinelink Work in Progress, ја доби наградата на турската радио телевизија ТРТ во износ од 30.000 евра, што е и најголема парична награда во овој дел. Станува збор за една необична приказна за пчелите, проект кој почна да се снима во 2016 година со поддршка на Швајцарската агенција за развој.

Инаку, и годинава Македонија доделуваше награда на Синелинк копродукцискиот маркет, која е во износ од 10.000 евра и ја доделува Македонската агенција за филм. Така, нашата развиена кинематографија, која едвај на релевантните фестивали се појавува во официјалните програми, продолжува со својата „традиција“ да доделува награда за поддршка на филмови од регионот, годинава тоа е Грција со филмот „Holy Emy“, додека нашите студенти вложуваат сами во своите проекти или бараат средства од странските фондови. Но, за тоа повеќе во следните текстови.

Сунчица Уневска