Сунчица Уневска

Синоќа во преубавиот простор во Градскиот парк беше отворено 19. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Имаше навистина убава атмосфера, се разбира, со почитување на сите протоколи и беше преполно. И тоа не само филмски и, воопшто, луѓе од културата, туку имаше разновидна публика и повозрасна со деца, кои очигледно ги привлече филмот на отворањето „Стела“, кој, како што кажа продуцентот Огнен Антов, е навистина еден од ретките семејни филмови кај нас или дури и прв, навраќајќи се и на филмографијата од поранешна Југославија.

Секако, дека беше одлично што овој филм беше избран за отворањето и за сите нас е важно дека тоа беше македонски филм, а и дека во целата оваа ситуација со коронавирусот, ете, имаме и македонска продукција. „Синедејс“ направил одлично што ги прикажува новите македонски филмови, а фантастичен е и потегот за фестивалот да оди на девет локации, се разбира, под мотото „Филм на секое платно“, но за тоа подоцна.

Сега да кажеме дека и покрај тоа што навистина ни е мило за овој прв семеен филм, мора да бидеме реални и да проговориме за тоа за колку лош филм станува збор. Да, навистина е детски и семеен и не треба да сме многу строги…, па сепак, ако ова се филмови нели, кои меѓудругото треба да бидат и поучни за децата тогаш, секако, треба да се знае дека овој филм е многу далеку од тоа. Впрочем, да не ги потценуваме децата, бидејќи и тие самите знаат кога нешто е здодевно, знаат кога нешто е нелогично, а особено кога е празно. Со филмови, кои наликуваат на македонските народни приказни, но не се ни тоа, навистина не треба да ги учиме децата.

Ова е долгометражно играно деби на Стојан Вујичиќ, кој многу храбро се нафатил да прави детски филм, што не е нималку лесно. Напротив, да се направи добар детски филм, бара знаење и умешност, а особено познавање на детската психологија, што познато е дека во светот на тоа се ангажираат да работат стручни лица, и покрај филмските работници. Овој филм има некоја замисла и контури, но со ништо внатре не е исполнет. Има некоја позната и актуелна шема, кога станува збор за булингот меѓу децата, но нема ниту еден карактер на дете, нема никаква атмосфера доловена во училиштето и во односот меѓу децата, за детето да може во тоа на било каков начин да се препознае.

Истото важи и за семејството. Авторот веројатно мислел дека е доволно да стави две/три излитени фрази, да стави некаква ситуација на кавга измислена и изнасилена, да стави некој замислен конфликт кој никаде го нема и да се потпре на бројни стереотипи. Состојбата во семејството, како ни во училиштето не можете ниту да ја видите, ниту да ја доживеете. За тоа треба дијалози, треба карактери, треба ситуации, треба атмосфера, треба развој на приказната која ќе доведе до таков климакс. А да не зборуваме за патувањето на детето од Германија во Македонија. Па, видете дури ни во „Алиса во земјата на чудата“ (тука мислејќи во шеговита смисла, на онаа секојдневна фраза, не на книгата која е одлична) немате такви небулози. И во имагинација и во бајка мора да има логика, а не па овде. Мислам дека тоа патување не може да биде метафора, тоа е ужасно замислено и раскажано, со други зборови тотално бесмислено. Затоа и реков, да не ги потценуваме децата.

Да не ја мешаме на овој начин реалноста и фантазијата, бидејќи фантазијата си има своја смисла. Овде ништо нема смисла, а уште помалку и доаѓањето на родителите во Галичник и нивното однесување или разрешување на таа дадена ситуација, која е во суштина без подлога и со крајно стереотипни непостоечки конфликти,  бидејќи некој мисли дека треба да се подразбере и дека е доволно тоа што го знаеме. Не, не е, за тоа се прават филмовите, за тоа да го видиме, но низ животот, низ ситуации кои преку филмот и платното ќе ги доживееме. Голема штета, очигледно во филмот е вложено многу и на него работи голема екипа и добри актери (Дејан Лилиќ, Христина Поповиќ, Тони Михајловски, Мони Дамески, малиот Петар Маниќ), зад кои стои професионалната продукција „Дрим фектори“, но тоа е многу лош филм, кој не знам дали е и за телевизиско прикажување.

Инаку, факт е дека продуцентот и организаторите се потрудиле да направат убава атмосфера, а на крајот на филмот заедно со екипата го видовме и шарпланинецот Стела, кој треба да е ѕвездата на филмот, но да не се повторувам, ниту тоа на никаков начин не е постигнато. Огнен Антов кажа убави работи, првенствено на секое столче имаше „подарок“, една мала епрувета која беше наменета како пепелник, за да ја зачуваме животната средина. Што беше навистина убав потег, а Антов ги покани и сите од публиката некаде во ноември да дојдат на Водно, каде што е сниман голем дел од филмот, за тој дел да го пошумат колку што ќе можат сите заедно, особено што овој филм и е реализиран како прва еко или зелена продукција.

Фестивалот „Синедејс“ направи извонреден потег со многу работи, прво што го премести фестивалот од ноември во септември за да може да го одржи на отворено (за разлика од „Браќа Манаки“, кој и вообичаено е во септември, но не се одржува), а второ што оваа година, токму во ова време кога сите киносали се затворени, да ја осмисли така програмата да оживее многу од поранешните простори на кои имаше кина. Така, фестивалот оди на дури девет локации, освен Градски парк, гледачите ќе можат да гледаат филмови и: во паркот на МКЦ, во паркот Ибни Пајко, во Влае, во Кисела Вода, во Маџари, во кино „Напредок“, во Домот на градежници и на кровот на Градскиот трговски центар. Освен тоа, фестивалот направи договор и со ЈСП, па гледачите кои ќе купат билет ќе можат да се возат бесплатно со автобусите низ градот.

„Синедејс“ ќе прикаже четириесетина филма, во кои вклучува сè што е ново во македонската продукција, како и копродукција, а покрај тоа прави и една мала ретро програма заедно со ФДУ, во која ќе можеме да ги погледнеме кратките филмови на неколку веќе наши етаблирани млади автори. Па сепак, тоа не смее да се сведе на небузлозните изјави на Агенцијата за филм, која навистина сè повеќе нема ниту мерка, ниту знаење во она што го изјавува, па дури и го праќа како прес-информација за да каже колку е успешна и колку поддржува млади автори.

За дебитантскиот филм „Стела“ на Вујичиќ и за третиот долгометражен игран филм на Игор Иванов, „Хомо“, вклучувајќи ги тука филмовите каде што Македонија е малцински копродуцент, чии автори се од: Романија, Бугарија, Албанија, Франција и Косово, Агенцијата вели дека го продолжува трендот на нов бран „кој ја гради перцепцијата за македонскиот филм со препознатлив и автентичен израз“???????? И уште додава, дека македонскиот филм „каков таков ќе биде прифатен во Европа и во светот“???? Страшно! Не знаете дали е трагично или смешно. Прво, не знаеме за кој македонски филм зборува, за кој нов бран, ако не мисли на промовирање албански, бугарски, романски автори…, а она „каков таков“? Ако не знае што да каже и како да ја води македонската кинематографија, барем нека не ја потценува со вакви незрели изјави. Навистина Агенцијата за филм сè повеќе покажува дека не знае ни како, ни зошто, ни каде да го води македонскиот филм, ниту пак прави разлика меѓу продукција, дистрибуција и фестивали, за што секако е врв заедничката одлука на Агенцијата за филм и ДФРМ, „Браќа Манаки“ да нема. Тоа навистина кажува сè, но за тоа потоа.