Фото Alexander Gerst

Тајфун од петта категорија се движи кон Тајван и Јапонија, а невремето носи ветрови од околу 140 километри на час. Неверојатни слики од супертајфунот Трами, петтата бура од оваа категорија во западниот Пацифик оваа година, беа фотографирани од астронаут на Меѓународната вселенска станица.

Европскиот астронаут Александер Герст ги објави овие фотографии на својот профил на Твитер, опишувајќи ја бурата како „некој да отворил вентил на нашата планета.“

– Гледаме уште една голема бура. Тајфунот од 5-та категорија Трами е незапирлив и се упати кон Јапонија и Тајван. Бидете на сигурно вие долу – напиша астронаутот на неговиот Твитер профил, пренесе „Си-ен-ен“.

Тековните прогнози велат дека тајфунот ќе го погоди северен и централен Тајван, како и јапонскиот остров Рјукју. Том Сејтер метеоролог во „Си-ен-ен“ рече дека бурата се смирила, а метеоролозите чекаат по кој пат ќе помине. Бурата и натаму носи ветришта со брзина од околу 140 километри на час, а Сејтер рече дека таа е непредвидлива.

Се очекува бурата да ја изгуби својата сила пред нејзиниот удар во јужна Јапонија за четири дена, ако продолжи по сегашниот пат. Иако ја губи силата, ќе достигне 4-та категорија на бура, а  дождливото време пред тајфунот може да предизвика поплави и лизгање на земјиштето.

Трами доаѓа веднаш по супертајффунот Мангкут што ги погоди Филипините пред две недели, а дождовите проследени со тајфунот предизвикаа големо лизгање на земјиштето, во кое загинаа неколку десетици луѓе.