„Грст љубов“ е првиот македонски роман кој опишува насилство врз жена. Токму ова е првиот македонски роман во кој експицитно е опишано семејно насилство врз жена, базирано на вистинска животна приказна, преточена од перото на врвниот македонски писател Стојан Арсиќ.

Романот, во своите редови раскажува мошне интересна и на моменти потресна животна приказна за една жена, за нејзините животни искушенија, страдања и најпосле за грст љубов по која ќе тргне во далечните источни краишта.

Во расчекор помеѓу традиционалната покорност и младешки сон, младата хероина на романот, Вања, ќе влета во брак со Пишаниот, бескрупулозен насилник и коцкар затскриен зад велот на љубезноста. Животот на младата и перспективна студентка по медицина ќе излезе од вообичаените вотоочини и ќе се престори во пекол исполнет со физичко и психичко малтретирање, завршува со развод, како единствено можно решение и излез од пеколот.

Жените во принцип не сакаат да зборуваат, и тешко се откриваат, посебно во делот во кој се најчувствителни и најранливи, односот со својот партнер. Како стапивте во контакт со „Вања“. Што беше пресудно таа жена да се отвори, да ви раскаже се за неа, дали можеби довербата во Вас како писател?

-Па најверојатно тоа. Во периодот на промоцијата на мојот роман „Последната алка“, сосема случајно  излезе една средба со една моја пријателка, преку која ја запознав „Вања“. Веројатно таа во мене виде лик кому може да му верува. Се запознавме бидејќи и таа е по пишувањето, како и јас, и веројатно тој флуид кој се разви меѓу нас двајца доведе до тоа да стекне  доверба и да си ја раскаже својата тажна љубовна приказна. Таа во еден неврзан разговор почна да ми открива одредени детали од својот живот. Подоцна тие детали на некој начин беа стокмени како коцкички, и излезе една животна приказна преточена во роман.

Мала земја сме, секој со секого се знае, а опишана е вистинска животна сторија, па дали по таа линија нејзиниот идентитет се препознава или барем се наѕира?

-Идентитетот ќе остане вечно скриен. Тоа, патем, беше нејзина желба да не се открие. Сепак  станува збор за личност која е позната, јавна личност, затоа идентитетот остана и ќе остане зацементиран до крајот.

Емотивни ли беа моментите кога таа жена се потсетуваше на своите најтрауматични моменти од бракот?

-Да! Најверојатно затоа што најголем дел од приказната беше раскажувана низ солзи и сето тоа беше проткаено со тажни емоции. Имаше моменти кога таа буквално ја распостелуваше својата душа,  и низ исповедите наоѓаше издишка. Веројатно и годеше, очекуваше нели  рамо за плачење, некој да ја чуе нејзината животна приказна.

Забележавте ли дека нешто „од главното“ сокри од Вас, сепак ниедна личност не е подготвена до крај да ја разголи својата животна сторија.

-Да, да, апсолутно. Суровоста во романот ионака сама по себе  е прилично голема, случките кои таа ми ги кажуваше на крајот призна дека се само  30- тина проценти, од тоа што и се случувало вистински, и од она што е напишано во „Грст љубов“. Сепак морам да кажам дека не се разголи до крај и веројатно имаше своја причина. А и разбирливо е тоа.

Колку време траеја вашите средби кога го пишувавте романот?

-Средбите траеја околу пет месеци, не се гледавме интензивно, едноставно се слушавме преку телефон многу повеќе отколку што се среќававме и сето тоа таа го раскажуваше во свој стил и со целосна слобода. Ги распоредуваше тие нејзини секвенци како што и надоаѓаа во спомените. На крајот мојата умешност беше во тоа да сите тие делчиња ги поврзам, да го стокмам романот онака како што го стокмив.

Кога го пишувавте романот и случките, внимававте да бидат што пољубовно опишани, бидејќи ако го напишевте оригинал  како што се случувале, сигурно ќе беше  попотресително. Некако, чинам,  го омекнавте со љубов.

-Да. Во секој случај да! Во секој случај јас имав отворен простор на приказната да надоврзам она што го носам  како писател во себе. И веројатно и самиот роман ме донесе во концепт да биде поделен во два дела, едниот е романот каде што доминира суровоста и семејното насилство,и сите тие моменти што таа суровост ги носела,  додека  вториот дел е токму оној романтичниот дел, каде што главната хероина, Вања, ги доживеа сите тие љубовни чувства потоа, кои за жал ги немаше во бракот и на крајот рманот завршува со еден хепиенд, барем што се однесува до неа. Но и главниот јунак кој во реалност беше „злосторникот“ во нејзината сотрија сепак не го оцрнив до крај, бидејќи настојував да му дадам што похумана димензија, затоа што ниеден човек не заслужува зло и суровост. Романот се продаде во голем тираж имам уште неколку примероци, веројатно многу жени внатре во тие редови ја препознаа својата животна приказна која останува само за нив, како длабоко чувана тајна.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDPТекстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP