фото: Митко Гогов
фото: Митко Гогов

На својот фејсбук профил, активистот против активирањето на рудникот за злато и бакар „Иловица и Штука“, Стојан Велков напиша:

„Почитувани пријатели и соборци, после толку многу искажани аргументи за штетноста на рудниците, после сите ветувања од страна на политичарите и институциите, не знаејќи веќе што друго треба да се направи, за да се стави крај на оваа наезда наречена рудници, се одлучив моето лично незадоволство да го изразам на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица.
Ќе бидам таму секој ден од 20:00 – 21:00 часот со различен транспарент и со залепена уста! Со овој чин изразувам гнев од нефункционалноста на сите чинители во овој процес. Ова ќе биде мој личен бунт против сите чворови кои ги ствараат политичките чинители кои, и покрај сите правни и еколошки недоследности за сулудиот потенцијален проект рудникот за злато и бакар „Иловица и Штука“, не најдоа за сходно да стават точка и да го решат еднаш засекогаш тоа прашање.
Ниту сакам, ниту можам некој да принудам, но сакам да знаете дека секој кој го дели мојот став и начин на реакција, може да застане на оддалеченост од еден и пол метар, на своја точка и со свој транспарент и свој начин да го искаже својот револт во однос на прашањето. Колку повеќе точки ставиме толку подобро.
Укажувам дека тоа е мој личен крик поврзан директно со нерешавањето на прашањето со потенцијалниот убиец на нашата здрава животна средина и не сакам да се користи во никакви политички цели и кампањи!
РУДНИК НАД ШТУКА-ИЛОВИЦА НЕМА ДА ИМА!!!„

И, така и беше вечерва, а така ќе биде и наредните денови – со транспарент и залепена уста, тој на градскиот плоштад „Гоце Делчев“ во Струмица го искажа својот револт против изградбата на рудникот Иловица-Штука.

Нему му се приклучија уште неколку активисти кои дојдоа со свои транспаренти, почитувајќи ги препораките за социјална дистанца.

Само колку за потсетување пред неколку месеци, во услови на вонредна состојба Управниот Суд донесе пресуда во полза на на концесионерот „Еуромакс Ресурси“. Откако се обелодени пресудата, беше најавено дека минситерството за економија ќе ја обжали пресудата, а и претседателот на СДСМ во предизборната кампања најави дека рудникот нема да проработи…Но, владата се уште ја нема обжалено пресудата на Управниот суд во врска со рудникот. Од Здрава котлина се сомневаат дека никој досега не направил жалба, ниту пак планира да достави жалба до Виш управен суд.

Н.Доковска

 

Текстот е дел од проектот ЕКО Едукација за новинари“, поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање