Најмалку 11 имигранти, вклучувајќи и едно бебе, биле повредени во судирите со полицијата кои избувнаа во кампот на грчкиот остров Лезбос, соопшти хуманитарната организација „Лекари без граници“. Поради судирот, кој избувна во средата, околу 200 жени и деца од кампот се преселени во блискиот склад. Во бегалскиот камп Морија се наоѓаат повеќе од 5.000 баратели на азил, што е двојно повеќе во споредба со капацитетот на овој објект.

Портпаролот на полицијата изјави дека судирот се случил откако група од околу 50 лица запалила контејнери за ѓубре. Ројтерс наведува дека протестите поради лошите услови во кампот Морија не се невообичаени, но дека овие судири се најсериозниот инцидент во последните неколку месеци.

Локален портал пишува дека судирите избувнаа кога еден Сириец се обиде да изврши самоубиство, тврдејќи дека полицијата тогаш употребила солзавец. Официјален претставник на полицијата за британска агенција потврди дека морале да реагираат припадници на полицијата за разбивање на демонстрациите, но не сакаше да ги коментира тврдењата дека е употребен солзавец.

„Лекари без граници“на Твитер објавија дека 11 лица се повредени, вклучувајќи и едно бебе и една бремена жена.