После откажувањето на нивната европска турнеја во 2019 година (од причини за кои веќе е тажно да се зборува), која ги опфаќаше и Скопје и Македонија, „Авалон Продукција“ го одржа ветувањето и го потврди доаѓањето на еден од најголемите, највозбудливи и сигурно најконстантни по својот квалитет рокенрол бендови во овој век „PLACEBO“, на 16-ти јули 2022 година, на стадионот на АРМ во Скопје.

-Само неколку дена по објавувањето на (без претерување) една од најубавите нивни песни досега, новиот сингл „Beautiful James“, најава за новиот албум – добивме дозвола да го објавиме и овој голем евент – велат од „Авалон продукција“.

Влезниците ќе бидат пуштени во продажба во петок, 15-ти октомври во 09 часот наутро по следниве цени и категории: ПАРТЕР: 1500 денари, ФАН ПИТ: 1990 денари (само 1000 влезници во продажба).

Оние што ги имаат зачувано влезниците за настанот кој требаше да се одржи на 25.06.2020 година, не мора да ги заменуваат картите со новиот датум доколку тоа не го сакаат бидејќи сепак ќе им бидат важечки.

Со објавата за овој концерт, започнува серијата на објави на големи светски имиња за Македонија и регионот за 2022 година, најавуваат организаторите, додавајќи дека се спрема ѓаволски добра година.