Може ли документарниот филм да го промени светот? Колку филмовите што им даваат глас на табу темите можат да доведат до промени? Можат ли филмовите да испратат пораки со кои ќе им олеснат на другите во соочувањето со нивните трауми?

Тоа беа некои од прашањата на вчерашниот панел кој се одржа на годинешниот Сараевски филмски фестивал, што беше поттикнат од неколку филмови на слична тема – сексуално злоставување. Панелот го водеше селекторката на документарната програма Рада Шешиќ, а тој можеше да се проследи на Зум платформата, но интересот е толку голем што бројот на слушатели, кои можеа да поставуваат и прашања, беше ограничен на илјада. Во разговорот учествуваа тројца режисери, чии филмови покренаа лавина прашања и кои покажаа дека е можно филмот да влијае на промените, особено кога не се плаши да се соочи со оние теми што со години биле потиснувани.

„Враќање во Епипо“ придонесе да се воведат многу построги казни за сексуално злоставување

Унгарскиот филм „Враќање во Епипо“ на режисерката Џудит Ола доведе дури и до законски промени во земјата. Навистина, на малолетните жртви од летниот камп во 1980-тите години во Унгарија им биле потребни 25 години за да проговорат за нивните трауми, но овој случај покрена лавина во која се открија безброј слични приказни извршени од страна на професори, на свештеници и др., што беше повод унгарската држава да воведе многу построги казни за сексуалното злоставување на деца од позиција на авторитет и влијание.

Џудит Ола го посетувала овој летен камп цели четири години. Начинот на кој Џудит ја раскажува приказната е навистина исклучителен, не само во поглед на кампот и неговото значење за децата кои таму престојувале, туку и поради тоа што успева да собере голем дел од нив да учествуваат во филмот и да зборуваат за нивното искуство. Пал Сипос бил професор по литература кого сите деца го обожавале, тој бил непосреден, неконвенционален, со нозете на маса, секогаш со цигара в рака, поинаков и близок до децата, кој поседувал силен магнетизам. Но, таква била и целата атмосфера во овој камп, чија приказна, како и да завршува, како што изјавува еден од учесниците, им донела нешто што никогаш нема да го заборават.

Епипо било името што тие самите му го дале, бидејќи целиот престој во кампот бил базиран на игри, на фантазија, на приказни, тоа за нив било магично место во кое се чувствувале слободни и можеле да доживеат нешто што никаде на друго место не било возможно. Нивните игри биле исклучително креативни и забавни, тие се чувствувале супериорни, а и потекнувале од интелектуални и либерални семејства. Како што самите велат, имале чувство како да живеат во „западна демократија“. Џудит Ола на многу ефектен начин не воведува во приказната, покажувајќи навистина зошто децата уживале во овој камп, кој бил толку мистериозен и возбудлив за нив. Си имале тие бројни свои ритуали, смислувале сè и сешто, имале дури и своја религија и свој таен јазик и едноставно чувствувале дека некаде припаѓаат.

Но, кога работите ќе се разоткријат ќе излезе дека во кампот имало и друга страна. Имало и голема суровост, садистички казни, имало омаловажување на поинаквите, а на крајот и сексуално злоставување и на момчињата и на девојките од страна на Пал Сипос, кој работел и на унгарската телевизија и тоа на младински програми, кое младите тогаш воопшто не го сфаќале така и не ни биле свесни, напротив, тие биле среќни дека се привилегирани. Како што вели едниот од нив, тој не сакал ништо да пропушти, бил среќен што е дел од групата која му е блиска на Сипос и со кои тој бил поинаков, барал нивно мислење и ги внесувал во тие сексуални игри на еден сосем поинаков начин.

Интересно е дека никој ништо не забележал ниту во однесувањето на децата, ниту нивните родители, ниту било кој друг. Оние кои работеле во кампот, во филмот велат дека не веруваат во тие приказни и дека тоа сигурно е измислено. Сипос, пак, и денес си живее и патува на релација Шпанија-Унгарија и, како што кажува Џудит Ола, немал ни потреба да се извини. Таа го поканила во филмот сакајќи да го соочи со сиот срам и лутина што ги предизвикал, но тој ја лажел и не сакал да дојде. Џудит вели дека тој не сфаќа што направил, бидејќи да сфаќа најверојатно барем би исчезнал. После овие случувања кружеле приказни дека некои од тие деца полуделе, но како и да е, сите кои учествуваа во филмот се сложни дека е добро што сето ова излезе, бидејќи се случија промени на подобро.

Во „Заздрави ме“ Даниела зборува за вкоренетите патријархални вредности во Америка кои резултираат со „договор за молчење“

Во панелот учествуваа и хрватскиот режисер Ѓуро Гавран, како и српската режисерка Даниела Штајнфелд, која се преселила во Америка. Даниела го направила филмот „Заздрави ме“ токму со таа цел, да и помогне во преобразбата на менталниот и егзистенцијален хаос што злоставувањето и го донело. Поводот за нејзиниот филм е нејзиното лично искуство, иако таа во филмот прикажува, како што вели, цела армија од 35 луѓе и нивните приказни и трауми, додека и самата да се охрабри да зборува за своето искуство.

„Чувствував дека општеството ви наметнува чувство на срам. Да се каже вистината за мене беше посебно ослободувачки, но не слушаме често за сексуалните напади во балканските земји. Многу е лошо што луѓето се срамат да зборуваат за тоа и токму затоа со овој филм сакам да испратам порака која тоа би го променила.“ Таа по нејзиното ужасно искуство се преселила во Америка, но иако се чини дека таму се поотворени, таа вели дека нивното разбирање за тоа колку се чести и раширени сексуалните напади почнало да се менува со појавата на движењето „Me Too“. „За жал, вкоренетите патријархални вредности во Америка се залагаат за тој т.н. ‘договор за молчење’. Движењето ‘И јас исто така’ ја подигна свеста, па сепак Америка не успева на прав начин да им помогне на обичните луѓе, ниту да им понуди излез.“

На прашањето за состојбата во Србија, вели дека никој не заземал став да му посвети внимание на ова прашање, кое е сложено и длабоко вкоренето. Таа вели дека и денес се молчи за овие прашања, дека срамот е пресилен. Со овој филм и сите тие исповеди во него таа сака да им испрати порака да не се срамат и дека не се сами.

Секое петто дете во Европа е сексуално злоставувано, затоа филмот „Една од нас“ нуди едукативна платформа

Приказната, пак, на Ѓуро Гавран во филмот „Една од нас“ е неверојатна, затоа што и тие самите биле многу непријатно изненадени и потресени кога на 15-годишнината од матура една нивна соученичка им ја доверила својата шокантна животна приказна. Така настанал филмот „Една од нас“ кој, секако, сака да ја разбуди свеста и на кој Гавран така и му пристапува. Тој вели дека не сакал да направи филм за неа, туку за да прикаже колку е голема нашата немоќ, колку не можеме да прифатиме дека проблемот на сексуално злоставување на деца е присутен во нашето општество.

Како што рече, филмовите им даваат глас на табу темите, но ретко кој може да доведе до промена иако е убеден дека ова е редок филм што би можел да доведе до вистински промени. Навистина беа шокантни податоците што тој ги изнесе. Според статистиката, секое петто дете во Европа е сексуално злоставувано. Она што е уште попоразително е дека 80 проценти од овие случаи се во кругот на семејството и дека на повеќе од 57 проценти од овие деца им требаат пет години за да пријават. А, како што вели, 20 проценти засекогаш молчат.

„Една од нас“ е филм за реакцијата на општеството на откривањето на случаите на сексуално злоставување на деца. „Се надеваме дека овој филм и овие разговори ќе придонесат за луѓето да знаат како да реагираат кога ќе се соочат со нешто вакво“, вели тој. Поради тоа, тие на заинтересираните им нудат едукативна платформа www.jednaodnas.com која има бројни содржини наменети за информација и едукација (написи, разговори со стручни лица, релевантни линкови за постоечки линии за помош), со цел да им помогнат и да ги подучат што можат да направат и каде да бараат помош.

Сите овие три филма, кои предизвикаа огромен интерес, се дел од натпреварувачката документарна програма на фестивалот, чии награди ќе бидат доделени утре. Но, секако, уште поважни се нивните теми со кои се занимаваат и можноста нив да ги види бројна публика и да ги слушне овие разговори кои на различен начин нудат помош, поддршка, разбирање, но и освестување за тоа до каде сме и што е она што треба да се направи за овие жртви да не бидат и понатаму запоставувани и игнорирани. Да не бидат само бројка од која ќе бидеме шокирани, да не бидат само статистика, бидејќи одговорноста е на општеството, но и на сите нас.