На снимањето на филмот со авторот на приказната, Ратко Букшиќ

Пишува: Сунчица Уневска

Љубовните приказни секогаш се интересни за публиката и нивниот јазик, каде и да се сместени, е универзален. Дури и без оглед за какви приказни станува збор, дали за среќни или несреќни, за контроверзни или едноставни, за тинејџерски или за љубов во зрели години, дали за сосем различни луѓе, од различните краеви на светот, дали за возможни или невозможни, дали за љубов на далечина, дали за замислени, сонувани и посакувани, но тешко достижни, дали за…. Во нив сите се препознаваме, тие често умеат да нè разгалат, да нè потсетат на некои други времиња, умеат да нè натераат да се преиспитаме, да копаме по некои сеќавања, остварени или не, но секогаш умеат да нè разнежат и да предизвикаат задоволство, па и среќа, макар била и горчлива. Љубовта е оној основен принцип, она чувство кое често нè прави цели, исполнети, задоволни, она чувство кога сè навидум се менува, кога преплавеноста со емоции умее сосем да го измени нашиот светоглед.

Ивана Павлаковиќ и Благој Веселинов во филмот „Так-так“, кој на 25 март имаше претпремиера во Кинотеката во Скопје
Се паметат љубовните приказни, се паметат особено кога умеат да го допрат она најранливото во нас, се паметат љубовните приказни кои нè тераат во нив да се препознаеме, кои нè тераат да сонуваме, да се надеваме, кои едноставно нè тераат да бидеме поинакви. Ја има љубовта моќта да ја донесе смислата, да ги стави наеднаш работите на вистинското место, да направи сè околу нас да добие значење, да ни го донесе чувството на припадност, чувството кога ќе се најдете самите себе.

Имено, љубовните приказни секогаш носат во себе некаков шарм и затоа така лесно умеат да освојат. Токму таков е и новиот краток игран филм на Јане Алтипармаков, „Так-так“, направен според краткиот вистинит расказ на Ратко Букшиќ од Бихаќ, Босна и Херцеговина. Не случајно овој филм својата светска премиера ја имаше во Бихаќ, каде што помина одлично токму поради врзаноста со таа средина, иако филмот е снимен во Скопје и целосно е македонски. Во Скопје, пак, во Кинотека на 25 март се одржа неговата претпремиера и го предизвика истото чувство, на задоволство, на расположение, на среќа, на позитивност, која, како што рековме, знае да ги разгали луѓето.

Особено што „Так-так“ има тинејџерски пристап, иако протагонистите во филмот не се толку млади. Самиот наслов произлегува од она чукање по телефонот, еднаш или два пати наместо одговор, бидејќи девојката (Ивана Павлаковиќ) во почетокот не сака да си го открие идентитетот. Но, додека момчето, односно Благој Веселинов, мисли дека од другата страна е токму девојката која му се допаѓа и за која е убеден дека нема шанси да ја освои, разговорите се долги, забавни, неисцрпни. Сè додека не се посомнева во тоа, што како игра ќе го намести токму девојката. Забавно, симпатично, весело, пријатно, навистина со детски финти и разговори, но сепак, освојува со лежерноста, природноста, искреноста.

Режисерот Јане Алтипармаков
Иако, ако зборуваме за тоа каков е како филм, има навистина доста недостатоци. Веројатно приказната е таа, но филмот дава можност за малку поголема имагинативност, а и самиот бара поголема дефинираност и, секако, поента. Бидејќи, целата сила на краткиот филм лежи токму во поентата и во начинот на кој е доловена. Недостига тука таа разиграност и кај карактерите и во нивните односи, недостига алузивноста, живоста, она читање меѓу редови кое би можело да донесе поголема дефинираност на карактерите, на контекстот, на течението…

Не дека филмот не е симпатичен и донекаде добро направен, но ја нема онаа впечатливост и сензибилност кај двата лика. Додека Веселинов тоа го постигнува со леснотија, не е така и кај Ивана Павлаковиќ, чиј лик останува помалку стерилен, како што е водена и приказната, поточно односот меѓу нив. Но, има тука и една друга посебност, а тоа е времето во кое е сместен филмот, 1990-тите, едно време кое навидум не е одамна, иако во текот на овие 30 години претрпе многу промени. Тоа е сè уште времето на Југославија, тоа е времето на фиксните телефони, време на поинаков однос, пријателство, дружба, што му дава одлична позадина, која исто така не е доволно искористена. Секако, „Так-так“ носи еден печат за тоа време, барем за нас, а љубовната приказна, како што рековме, умее да допре, без оглед на сè, но дали ќе успее да ги надмине своите стереотипи, или токму со нив ќе освои, останува да видиме.