Вечерва, 16 јули,  ќе се одржи вокално инструментален концерт под наслов „Мелем песна“ на НУ Ансамбл за народни песни и игри на Македонија „ТАНЕЦ“ на Факултетот за ликовни уметности – објектот Сули ан во 20:30 часот. Настапуваат оркестарот, хорот и солистите на Ансамблот „Танец“. Директор е м-р Мартин Вучиќ, уметнички раководител – координатор е м-р Бранка Костиќ – Марковиќ, раководител на оркестарот е м-р Дарко Илиевски, а раководител на хорот е м-р Гоце Цоневски.

Концертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани, а влезот ќе се регулира со билети по цена од 200 денари коишто ќе можат да се купат пред почетокот на концертот на влезот на објектот Сули ан.

Ансамблот „Танец“ повеќе од седум децении е симбол на македонската култура и уметност, седум децении е амбасадор на македонското музичко-сценско фолклорно творештво и седум децении е подвижен музеј на нашата духовна култура насекаде низ светот.

Формиран е на 24 март 1949 година со основна цел да го собира, негува и уметнички да го надградува македонското фолклорно богатство – ората, песните, инструментите, обичаите и носиите, и музичко-сценски соодветно да ги претставува во земјата и надвор од неа.

Со именувањето на првиот директор Емануел Мане Чучков, началникот на музичкиот оддел Живко Фирфов и раководителот на играорниот кор Рафе Живковски, веќе првата година од дејствувањето на ансамблот била година исполнета со многубројни активности, селекции, аудиции, патувања низ земјата заради пополнување на неговите редови и собирање на автентични народни носии, но и година на поставување на основната програмско-репертоарска концепција. Оттогаш, па наваму сè е веќе историја. 71 блескави години проткаени со илјадници концерти, антологиски кореографски поставки, недобројни успеси, милионски аудиториуми и бројни награди.

„Танец“ е македонскиот бит, но и македонската должност кон него. „Танец“ се сите генерации врвни ороводци и солисти, играорци, песнопојци, инструменталисти и раководители. Сите тие, веќе 72 години посветено се грижат за народните игри и песни, обичаи  и носии и преку успешните рафинирани кореографски поставки го преточуваат македонскиот бит пред светот. „Танец“ е нашиот бренд. Тој ја освојува публиката каде и да настапи, ја освојува со својата професионалност, со високиот уметнички впечаток, со органската убавина на нашето наследство.

За квалитетот и уметничката вредност на „Танец“ говорат и сите громогласни аплаузи од публиката, сите позитивни одгласи од критиката и големиот број стручни и општествени награди, дипломи и признанија, меѓу кои и престижните награди „11 Октомври”, „Климент Охридски” и „13 Ноември”. Оттука, претставува престиж „Танец“ да се има во својата концертна програма на домашните сцени, но и насекаде низ светот.