Бројот на жртвите во тајфунот Мангут, кој ги погоди Филипините и Кина, се зголеми на најмалку 69, а десетина се водат како исчезнати, соопштија властите на овие две земји. Тајфунот ги погоди северни Филипини во саботата и во неделата стигна до јужниот дел на Кина.

Мангхут ослабна на тропска бура и денеска се движи подлабоко кон копното на јужна Кина, каде што се очекува силните дождови и ветришта да траат уште утре. Филипинската полиција соопшти дека со денешниот ден до пладне по локално време бројот на жртви се зголеми на 65, дека 43 лица се исчезнати, а 64 повредени.

Кинеските власти пријавија жртви од урнати дрвја и градежни материјали во Гуангдонг, кинески производствен центар.

Олујните ветрови и понатаму денес дејствуваат на јужниот брег на Кина и покраините Гуангдонг, Гуанси и Хаинан, а дождот и силните ветрови ќе траат уште во текот на целиот ден.

Многумина од исчезнатите на Филипините се рудари на злато и нивните семејства за кои се стравува дека се затрупати под лизгање на земјиште во село во провинцијата Бенгет.