Театар „Комедија“ ја продолжува својата мисија на гостување низ театрите во Македонија, а овојпат, на 21 април, Театар Комедија ќе гостува во Народен театар Охрид со хит-претставата Жена ми се вика Борис“, во режија на успешниот режисер на хит-комедии Синиша Евтимов.

Жена ми се вика Борис ги ревидира моралните кодекси на однесување, а дејството во пиесата е адаптирано и локализирано во македонски контекст, каде што ќе ги препознаете менталитетот и стереотипите на современото живеење на семејствата на некои „наши“ политичари и успешни бизнисмени. Прељубата, лагата, интригата и страста се вонвременските теми врз коишто се градат заплетите во оваа комедија и ќе ве држат со широка насмевка во текот на целата претстава.

Охридската публика во претставата ќе може да ги види актерите: Сашо Ристовски, Роберт Ристов, Мими Поповска – Ристов, Ева Скендеровска, Жаклина Петровска, Столе Мицов и Александар Михајловски.

Повеќе детали за оваа, но и за другите претстави од репертоарот на Театар „Комедија“ може да погледнете на  вебстраницата www.teatarkomedija.mk.