Нов тест за проверка на антитела, кој утврдува дали некој бил заразен со корона вирусот и кој е 99 проценти прецизен, штотуку е одобрен за употреба низ цела Европа.

Меѓународната дијагностичка компанија „Абот“ вели дека очекува да испорача милиони од овие тестови на стариот континент до крајот на мај.

Експертите кои работеле на развојот на овој неверојатно прецизен тест велат дека е од големо значење, но предупредуваат дека не може да одговори на прашањето дали сте станале имуни на вирусот.

– Дури и епидемиолозите сè уште не знаат дали антителата даваат имунитет, сè уште е непознато. Тестот само ви кажува дали некогаш сте биле изложени на вирусот и дали вашиот имунолошки систем одговорил на тоа – се наведува.

Некои коронавируси кои предизвикуваат настинки ги оставаат пациентите со имунитет за одреден временски период. Сепак, бидејќи САРС-КоВ-2 е нов и непознат, научниците сè уште не знаат колку ќе трае имунитетот по инфекцијата.

Затоа, тестот во моментот не е многу корисен за пошироката јавност, но е од непроценливо значење за владите кои можат да го користат за да видат како вирусот се движел низ населението.

Тестот функционира така што ги регистрира протеините IgG што телото ги лачи кога е заразено со коронавирусот и кои остануваат во него со месеци, а можеби и со години.

Компанијата „Абот“ тврди дека нивниот производ дал 99% точни резултати 14 дена од покажување симптоми кај 73% од испитаниците. Тој, исто така, бил 99 проценти точен во „погодување“ дека примероците од негативни лица не содржат антитела.

Компанијата е решена што поскоро да го стави тестот на пазарот, иако многу експерти истакнуваат дека тој ќе ја покаже својата вистинска вредност само кога пандемијата уште ќе напредне, пренесува „Индипендент“.

– Добро е што ќе имаме спремен сигурен тест за антитела кога ќе ни затреба, но тоа нема да се случи уште некое време. Покрај тоа што не знаеме дали антителата даваат имунитет, голем број на луѓе не би ги имале ако ги тестираме сега – рече професорот Џон Њутн, кој ги предводи напорите на британската влада за сузбивање на ширењето на вирусот. А.Р.