Музичкиот иноватор и „технички волшебник“, Џеф Милс, ќе го отвори годинешното издание на еден од најреномираните фестивали на електронска музика во Европа, „Дименжнс 2019“, кој ќе се одржи во Пула, Хрватска од 28 август до 1 септември.

Грандиозниот концерт на отворањето повторно ќе се случи во 2000 години стариот амфитеатар „Арена “ во Пула на 28 август, а фестивалот последен пат оваа година ќе се одржи во тврдината „Пунта Кристо“ на најјужниот дел на Истарскиот полуостров.

На воведот на 8-миот фестивал „Дименжнс“ Милс ќе биде придружуван од еден од највозбудливите тапанари на минатиот век, Тони Ален, водачот на бендот на Фела Кути, кого самиот Кути и Брајан Ино го прогласија за татко на афробитот. Нова димензија на денс-музиката ќе ѝ даде Обџект, кој ќе изведе песни од својот последен албум.

Меѓу останатите неколку десетици изведувачи во четирите дена на фестивалот со свој сет ќе се појават и Нина Кравиц, Пола Темпл, Бен УФО, долгогодишниот резидент ДЈ во култниот клуб Фабрик во Лондон, Крег Ричардс, како и легендата на детроитската техно сцена, Октејв уан, кој ќе има настап во живо.

Љубителите на хаус музиката ќе бидат воодушевени од имињата на Џајлс Питерсон, Омар С, а за проштален настап од тврдината во Пула ќе пристигне хаус легендата од Чикаго, Лери Хрд ака Мр. Фингерс. На првичната листа на објавени имиња има уште многу техно, хаус, д’н’б, соул и диско изведувачи од целиот свет.

Цената на влезниците за концертот на отворањето изнесува 270 куни (околу 36 евра). Билетите се продаваат преку следниот линк.

Цената на влезниците за сите четири дена на фестивалот е 400 куни (околу 55 евра), а нив како и сместување во кампот може да резервирате на следниот линк.