Еден од фаворитите во годинешната трка за „Оскарите“, независната драма „Манчестер на море“, од шест номинации доби две награди, за оригиналното сценарио на Кенет Лонерган и за вонсериската главна машка улога на Кејси Афлек. И сосем заслужено, иако би рекле, дека овој филм требаше да добие многу повеќе, затоа што станува збор за едно од најоригиналните остварувања во изминатата година, кое има извонредна режија, монтажа и фотографија, исклучителни улоги, за кои беше и единствен што понесе три номинации во актерските категории (покрај Афлек, за Мишел Вилијамс и Лук Хеџис), но и една таква атмосфера и водење на приказната кои го претвораат во вистинско „мало“ ремек-дело. Зошто велиме мало, затоа што во него нема никаква тенденциозност, нема гламур или ефекти, нема пренагласеност или големи очекувања, но затоа низ минимализам, едноставно и скромно успева да ја долови реалноста и животот, успева да допре до суштината на начин кој ве изместува од место.

„Манчестер на море“, всушност, е приказна за вината, за онаа неиздржлива болка која го прави животот неподнослив. Како да се живее кога животот повеќе нема смисла, како да се живее кога немате волја за живот, како да се живее кога „внатре веќе нема ништо“, како да се оди понатаму ако не можете да си простите. Особено, кога цената е превисока, а животот си тече понатаму како ништо да не се случило. Има тука една голема вистина, тоа е нешто што се чини секој го има доживеано на свој начин, кога нештата се толку драматични и кога сакате да се види дека нешто се случило, но не, работите си продолжуваат по својот тек и ништо не покажува дека последиците се такви што веќе не може да биде исто…

Кенет Лонерган прави извонреден филм за човекот и за неговата болка, една неверојатна приказна за животот, говорејќи истовремено за неговата спротивност, за оној миг кога животот ќе се претвори во товар, кога секое негово пулсирање само уште еднаш ве соочува со загубата. Тој не е нималку претенциозен, во филмот нема пренагласени емоции, ниту судири, ниту патетика или жалење. Но, тоа е филм кој е откорнат од животот, прикажувајќи го неговото неумитно течение, кое не остава простор за ништо, а најмалку за минатото. Со минималистички приод тој прави грандиозен филм за „човекот кој е осуден на живот“.

И колку и да е употребувана оваа фраза, таа овде звучи сосем поинаку, бидејќи факт е дека е уште потешко кога станува збор за психата, а не за фактичка неможност. Имено, фактичката попреченост е нешто со што мора да се борите за да го живеете животот, а психичката ве исправа пред борбата за која ви е сеедно. Тоа е толку различно… Всушност, секое „вовлекување“ во животот за Ли Чендлер (Кејси Афлек) е уште поголема болка, бидејќи животот за него заврши, тој остана запретан некаде од каде нема враќање или како што самиот вели, дури и тогаш кога треба да се грижи за некој кој толку многу го сака, „не можам тоа во себе да го совладам“.

Mancester na moreВо него режисерот ќе ги спои Ли Чендлер и неговиот внук Патрик (Лукас Хеџис) правејќи еден таков животен круг кој е истовремено болен и прекрасен, тажен и толку жив, безизлезен и оптимистичен, круг во кој се судираат крајот и почетокот, во кој Ли подига ѕид пред себе, а неговиот внук прави се за него да го прескокне. Додека Ли не може да ја најде ниту смислата, ниту мотивот, а уште помалку желбата, дотогаш Патрик е преполн со живот, динамичен и целосно свртен кон својата иднина. Неумитноста на животот е неподнослива, но и несопирлива. Како понатаму?

Лонерган ненападно, како и се друго, во филмот зборува и за онаа вечно присутна осуда на луѓето околу нас. Зборува за ограниченоста, за бесчувствителноста, но и за толку познатата вистина, дека често луѓето во туѓата несреќа ја наоѓаат својата утеха. Затоа и Ли после тоа што се случи не може повеќе да живее во Манчестер, не само поради сопствената болка соочен со сеќавањата околу себе, со сето она што го потсетува, туку и поради луѓето и онаа морничава рефлексија на „оградувањето од несреќата“.

Интересен е начинот на кој режисерот ја носи оваа приказна, раскажана низ флешбекови. Но, тоа не го прави на класичен начин, туку следејќи ја психата и реакциите на главниот јунак. Некако, целата сторија ја следиме низ неговите очи, низ неговите сеќавања и сопствената осуда на себеси, како и низ неговото доживување на другите, на луѓето околу себе. На тој начин ние го запознаваме Ли како човек, не само по несреќата, туку и каков бил пред тоа, на кој начин сакал и бил приврзан, зошто не ја сака жената на неговиот брат, колку многу го обожува својот внук, каква е неговата поврзаност со брат му, каква е неговата лудост која не може да си ја прости токму заради посветеноста која е дел од неговиот карактер, која го одредува. Она што е необично, е што Лонерган на никаков друг начин не ги дели времињата, освен низ емоциите, навраќањата и доживувањата на Ли, што од една страна, на почетокот збунува и може да делува посложено, но од друга страна, прави неверојатен круг, доловувајќи ја приказната толку силно и срчено.

„Манчестер на море“ е тежок, но голем и фасцинантен филм, кој успева да говори низ светлината и темнината, низ движењата, преку водата и камерата која така совршено умее да влезе и да излезе, создавајќи една уникатна атмосфера која толку ненаметливо ги носи емоциите, додека безрезерво ни ја разголува психата. Тој го поставува вечното прашање за вината и простувањето, за тоа како да го прифатиме неприфатливото, како да се помириме со непомирливото, како да го заборавиме она што не може да се заборави. Уште повеќе што Ли е исклучителен, толку човечен, реален, жесток и топол, страствен и откачен, но вистински, оној кому му е важна суштината…

Затоа и не може да се помири, затоа и не може понатаму, затоа и не може повеќе да ги најде своите чувства, својот мотив, бидејќи за оние кои градат од темелите ништо не може да ја оправда несмотреноста. Да се прости, значи да се прифати, а Ли не ја поднесуваше неодговорноста ни кај другите, а уште помалку кај себе. Бидејќи, тој е еден од ретките, толку човечен, реален, жесток и топол, страствен и откачен, но вистински, оној кој од другите го бара тоа што го бара и од себе. Кејси Афлек толку природно ја носи оваа улога, како и самиот да е сраснат со неа. И, навистина, оваа улога и не може да се донесе поинаку, бидејќи во неа е вграден целиот свет, односно неговите темели, во неа е вградена суштината и филозофијата на живеењето, а пред се на човекот. Но, на оној вистинскиот. Сунчица Уневска