четврток, април 25, 2024
домаТимот на СЗО: Ковид-19 веројатно не потекнал од пазарот во Вухан

Тимот на СЗО: Ковид-19 веројатно не потекнал од пазарот во Вухан

Ковид-19 веројатно не потекнал од пазарот во Вухан бидејќи било утврдено дека вирусот циркулирал и на други места во градот, но исто така е малку веројатно дека станува збор за истекување од лабораторијата, откри заедничка мисија на Светската здравствена организација (СЗО) и кинески научници.

Зборувајќи на прес-конференција во Вухан, заедничкиот тим на СЗО и кинескиот тим рекоа дека тие веруваат дека пазарот Хуанан не е местото каде корона вирусот, кој предизвикува болест на ковид-19, преминал на луѓето.

Шефот на тимот на СЗО, Питер Бен Ембарек, во вторникот изјави дека неговата истрага открила нови информации, но дека тоа не ја променило драматично сликата за појавата.

Ембарек, експерт за вируси на СЗО, рече дека хипотезата за протекување на вирусот од лабораторија е малку веројатна и нема да бара дополнителни проучувања како дел од нивната работа за проучување на потеклото на вирусот, пишува „Гардијан“.

Ембарек вели дека препорачува анализирање на нови материјали, вклучително и примероци од крв, што може да помогне во идентификување на претходни случаи во Кина.

Тој смета дека најверојатно ковид-19 преминал на луѓето преку некое посредничко животно, но сè уште не е јасно кое.

Професорот Лианг Венјан, водачот на кинескиот тим, ја започна конференцијата и скоро целосно го отфрли пазарот каде што се продаваат и живи животни, како место на потекло.

– Можеме да се согласиме дека во декември откривме докази за поширока циркулација на вирусот. Не беше само кластер на пазарот во Вухан, туку циркулираше и надвор од пазарот – рече тој.

Тој рече дека тимот верува дека вирусот потекнува од животни – веројатно лилјаци или панголини – но индиректните домаќини што му дозволија да скока врз луѓе „сè уште не се идентификувани“, според „Еуроњуз“.

Тој исто така рече дека не се пронајдени лилјаци во дивината во Кина кои носат вируси кои можеле да мутираат во ковид-19. Вирусот можел да циркулира во други региони пред да биде идентификуван во центарот на кинескиот град Вухан кон крајот на 2019 година, објасни експертот.

Сепак, нема докази за „големи епидемии“ пред декември 2019 година во Вухан или на друго место, според портпаролот на Светската здравствена организација.

Десетчлен тим на СЗО е на терен во Кина, бидејќи се обидуваат да го утврдат потеклото на вирусот кој усмрти 2,2 милиони ширум светот.

Експертскиот тим пристигна во Кина на 14 јануари, а сега го завршија истражувањето во Вухан, градот каде што за прв пат беше потврден новиот вирус на 31 декември 2019 година.А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ