Тирана, главниот град на Албанија, сместен во централниот дел на земјава, на само 30 км од Медитеранското море, можеби се уште не е доволно предизвик да се оди и посети, пред се, поради недоволната реклама и информации кои сме ги дознале.

Тирана (Tiranë), основан во 1614 г. од страна на Сулејман-паша, станал главен град на Албанија во 1920 година. Според пописот од 2011 година, во градот живеат 421,286 жители, муслиманите  55.9% , а христијаните и атеистите заедно  44.1% од населението.

Градот, чиј актуелен градоначалник е Ерион Велиај, денес брои половина милион жители, но дека сепак е метропола се забележува  по 16 часот кога луѓето се враќаат од работа. Тогаш почнува една „река“ од слеани автомобили,  кои споро се движат и без многу бучава, и слободно можете како пешак да им поминете пред нив, дури и на ваше црвено, ќе ви дадат предност, без нервоза, свирење и довикување.

Во градот владее култура која се забележува во секој момент од присуството таму. Луѓето се пристојно и модерно облечени, ведри и расположени, а повишен тон и прекумерно зборување, не може да забележите, дури ни во јавниот превоз, односно таму и воопшто не.

Она што на прво око се забележува е дека, Тирана не е град на, и за, снобови. Се е наместено и подредено како што треба, никој никаде не се брза, со динамина која нарушува нечиј туѓ раат. Улиците се широки, има многу нови молови, луксузни хотели, нови згради, но не си „дишат во врат“ една преку друга, а постарите се интересно и штосно обоени со весели бои. Белата доминира, со жолто, сино, портокалово…

Градот е распослан на низина, а целиот центар е добро распореден и поставен во една долга широка улица и плоштад кој пленува со својата широчина. Наоколу зеленило и дрвја, претежно медитерански стебла, а фрлен отпадок или нечисти канти нема да видите да барате со лупа.

Град на чистотата и свеж воздух, во кој уживате како да сте речиси покрај море. Не е чудо, и самата клима е медитеранска, а зеленилото го краси градот на секое можно парче. И покрај што немата голема загаденост инсистираат на превоз со велосипеди. Како потсетување дека велосипедизмот е решение, на големиот мост во центарот уметник поставил голема инсталација со велосипед. Во центарот има вештачко езеро, кое освежува, а нешто на што се жалат граѓаните е налето што во центарот често немало вода.

Плоштадот во овие денови е украсен како новогодишна бајка. Со многу вкус и стил. Околу елката, на поставените дрвени монтажни куќички ќе се напиете што сакате, особено кафе, кое е превкусно. Впрочем, како и низ цела Тирана. Тие увезуваат висококвалитетно кафе од Италија, ни ја откри тајната еден угостител, и чест им е ако ви се допадне .

Функционални и модерни ресторани со убав амбиент се нешто што е одлика на овој град. Ако сакате најлуксузно, а со повеќе од пристојни цени, качете се на кулата „Скај “, на кој, најгоре додека вие си пиете и мезите, ресторанот се врти и ја гледате целата Тирана како на дланка.

Таков поглед имате и од новиот хотел „Ас Тирана“, од нивниот ресторан на 12 кат, каде услугата на гостите и храната се нешто посебно. Сосема оригинална и не потсетува на ниедна друга. Искусниот менаџер, господинот Аднан Ајди, кој пропатувал низ светот, вели дека се набавуваат органско, макар и поскапо, не додаваат вештачки зачини, подготвувата на самото место најчесто со нарачка, се е дозирано, затоа храната таму е просто уживање. Ќе ви ја сервираат токму во таа доза во која е доволна, а културата во послужување ќе ја видите по тоа што келнерот, колку и да е зафатен не става по 2-3 чинии на рака, туку стрпливо и без брзање носи чинија по чинија, на секој гостин. Посебен специјалитет им е овчото сирење, од бачилата на падините на најчистите планини. Најлуксузниот ресторан на 20 километри од Тирана, каде вешто е измешана традицијата со модерниот миг.

Цените се повеќе од пристојни, се плаќа во леќи, а во наши пари еве како изгледаат- обилно гиро 75 денари, пица 150 денари, кафе еспресо 35 денари …

Но не само по кафето, Тирана е воопшто, речиси, итализиран град. Луѓето, посебно помладите, зборуваат англиски одлично, а италијански речиси уште подобро. Во градот е толку навлезена италијанската култура што дознавме дека дури има и кол центри на кои информации ќе добиете само на италијански јазик, дури не ни на матичниот, албански.

За Тирана, децении наназад многу малку или речиси воопшто не знаевме. На прашањето  како се живеело некогаш, дали навистина било толку строго и стегнато, професорка над 40 години се потсетува дека не било лошо, речиси исто, само што за нив од страна секогаш имало полошо прикажување отколку што реално било. Биле само позатворени во однос на патувањата, и не патувале многу, но таа на немаштија не се сеќава.

Во градот, иако се е подредено на скапи брендови и марки (каде секаде можете да купите двојно поефтино отколку кај нас) и на луксузни кафе- барови, жителите се незадоволни со примањата. Воопшто не се депримирани, или анксиозни, на лик се ведри, но незадоволни се. Велат малку пари добиваат, треба повеќе.

Како претставници на „Новинари на човекови права“ оваа година имавме чест да присуствуваме два пати на високопрофесионални тренинзи, одлично организирани од центарот „Еден“- еднаш кога во градот, со многу малку истакнато знамиња и обележја, се славеше Денот на  албанската азбука и истовремено имаше и протести, во кои за жал полицајка изгуби неколку прсти, и неодамна во предновогодишна атмосфера. И да се сретнеме со албански колеги. Следат се што е убаво позитивно, музика, филм, култура, Евровизија, може дури да се случи и да ве препознаат ако обавувате јавна работа. Запознаени се со се, коментираат без да даваат свои оценки или да спорат, за било што.

Иако мнозинството не е заинтересирано, има и такви, кои целосно ја познаваат и политичката ситуација на Балканот. Тие ќе ви речат дека Тирана е навистина мирна, ама во цела Албанија се функционира исто, како и во Македонија, има мито и корупција. Се случувало под автомобилите да им поставуваат бомби, ако некој во политиката не игра според правилата на помоќните. И има ноќни барови во кои се е препуштено на „продавачките на љубов“.

Обичниот граѓанин сепак живее пристоен живот. Горди се и на шармантниот млад принц Лека, кој се оженил пред извесно време, и за него истакнуваат дека живее мошне пристојно и општествено ангажиран во позитивни цели, секогаш со ведра аура.

Да подвлечеме повторно, Тирана е град во кој живеат градски луѓе со култура и се поголема наобразба. Младите, речиси без исклучок, заминуваат на специјализации во странство, а некои студенти се заинтересирани за мастер во Скопје, како и младата Долорес Бујку (на фотографијата), инаку ѕвезда и од првиот избор на „Идол“ во Албанија..

Во врска со телевизиите, и тие се пристојни, впрочем како и целото општество, луѓето се со однесување кое и кај нас беше доминантно во времето на СФРЈ, но модернизирани во начинот на живот. Имаат одличен избор на пристојни шоу програми, и нешто што најмногу не изненади, кога прашавме која е најголема музичка ѕвезда, ако ги исклучиме светски познатите албански ѕвезди како Дуа Липа, Рита Ора и Бебе Реџа, ни рекоа дека нема некој/а на прво место, но најпопуларен рок бенд со години е „Елита 5“ од Тетово.