Почитувани пријатели, музичари, сите драги луѓе од музичкиот свет, обични подржувачи на македонската рок сцена. Би сакал да ве информирам дека по 6 години истражувања, архивирање, селектирање, групирање, реконструкции и пишувања јас сум готов!. Капиталното дело за секоја држава, пишаниот доказ на секој еден народ за прапочетоците, постоењето и развивањето на автентичен музички урбан живот во една држава, ЕНЦИКЛОПЕДИЈАТА (во случајот Македонска Рок Енциклопедија (1960-2017) – прв том) е ЗАВРШЕНА !!!! Истата содржи биографии на 333 музички состави (рок, џез, блуз, рап, фанк, њу вејв, поп рок, панк, хеви метал, ворлд мјузик, психоделични, бит, д-бит, њу роматик, кавер …..) кои во периодот од 1960 до 2017 година создавале на тлото на Македонија. На околу 400 страни со преку 400 фотографии е проследен музичкиот развој на преку 2000 музичари, со безброј информации/факти за одржани концерти и нотирани повеќе од 1000 изданија создадени овде, на ова тло. И како што напоменав, ова е само прв том. Во следните две години ќе бидат објавени уште два тома, во секој со по уште 333 биографии за бендови и соло автори и во последната посебен дел за луѓе кои не биле музичари а активно дејствувале во креирање и развој на сцената.

Последните напишани зборови во Енциклопедијата (вчера) коинцидираат со објавувањето на резултатите од конкурсот во Министерството за Култура на Р. Македонија. И јас како и секој обичен граѓанин на оваа држава, конзумент и партиципиент на културата, аплицирав и се надевав дека Р. Македонија ќе ја препознае потребата од постоење на издание со вакви историски димензии и автентична тежина и истото ќе го помогне во делот на покривање на трошоците за лекторирање/подготовка за печатење-прелом/дизајн на изданието и насловната и самото печатење на Енциклопедијата. Впрочем секогаш во изминативе 6 години го правев истиот чекор, аплицирав за истражувачкиот процес, и бев одбиван. На крај си велев…им простувам-не знаат што е Рок Музика и што значи македонската рок сцена. Аплицирав и минатата година, си велев оваа гарнитура знае, голем дел од нив и самите биле музичари во одреден период. Искрено верував дека ќе ја сфатат потребата од енциклопедијата и од неопходното и итно згрижување на македонското музичко културно богатство. Впрочем прогласија и година на заштита на културното богатство а што е музичата историја на еден народ ако не културно богатство? Но се излажав…или поточно НЕ навредија и понижија.

Доделените 200.000 денари како сума е за почит и можеби доволни за некој друг проект од фолклорот на заедниците (за кој најмногу се грижат), НО за покривање на горе споменатите трошоци за подготовка на Енциклопедијата се недоволни, или се доволни само за првите споменати ставки (лекторирање, дизајн, прелом, ….) за да истото изгледа како што треба. За самото печатење не се доделени средства па останува истото да го направам како фанзин-фотокопирано. Се шегувам се разбира. Нема да дозволам никој да си поигрува со вашиот 57 годишен труд -Енциклопедијата ќе ја биде како што треба, споменатиот труд на преку 2000 учесници во создавањето на Македонската Рок историја го заслужуваат тоа. Државата (поточно луѓето кои ја репрезентираат истата) во која живееме и создаваме за жал го потценува вашиот допринос во создавањето на македонскиот идентитет, со инструменти наместо оружје во рака !

Во месец март очекувајте промоција, ќе се дружиме и ќе оддадеме почит на македонската сцена. По однос на навредата што ја доживеав од државата (преку одлуките на Министерството за Култура) јас лично а преку трудот на кој потрошив 6 години од својот живот сметам дека е и навреда на цела една 57 годишна музичка историја во Р. Македонија, би сакал да потенцирам дека ќе бидам упорен и ќе ја туркам приказната до крај, со сите законски овозможени средства да докажам дека Министерството или Министерот кој потпишува, несериозно го разгледале проектот. Доколку сепак не ги добијам бараните средства (600.000 денари), ќе излезам јавно со конкретна одлука……кому да ги пренаменам средствата (милостината) што ги доделуваат. Само како илустрација дека односот на комисијата, службите и министерот се чудно селективни и понижувачки кон ова дело: за литературни дела/преводи/поетски творби и слични, далеку помали по обем и технички ангажман потребен за подготовка се доделувани по 150 до 200.000 денари. За солистички концерти (не турнеја туку еден единствен настап) на репродуктивни уметници се доделувани средства помеѓу 200 до 300.000 денари. За издавање на CD од 80 а некаде и по 150.000 денари…во еден случај и 300.000 денари. За, во некоја рака слична творба како енциклопедијата (се обидов да најдам труд со ист обем на работа и значај, но не успеав да најдам) иако во описот не стои дека е творба и повеќе личи на дебата/работилница во Тетово се доделени 900.000 денари..(ги има неколку такви и на исти локации)…..за 25 годишница/прослава на продуцентска куќа се одвоени 6.000.000 денари…..за меморијален концерт или што и да е, се доделени 4.500.000 денари…..и да не набројувам повеќе споредби, ги има многу и гоелм дел од нив фрустрираат и го рушат достоинството на уметникот…..во овој генерално катастрофален конкурс во кој македонската рок музика повторно е срушена на колена…со навредливи трошки расфрлени околу неа.

И за крај, ве уверувам, јас продолжувам со борбата на сите фронтови, за создавање на нормални услови за развој и просперитет и генерално подобра Македонска рок сцена. Во процес на истражување/пишување ми се десетина книги (со објава во следните 5-6 години) кои имаат за цел документирање на Македонската музичка историја. Еден од нужните начини за трасирање на достоинствени услови за работа на рок сцената е со подршка од НАШЕТО Министерство за Култура. Сметам дека како даночен обврзник/обврзници на оваа држава ги имам/е истите права како и секој друг граѓанин за да аплицирам/е и добијам/добиеме средства од државата во која живееме/твориме и на која лојално и ги плаќам/е сите давачки.

Ве почитувам драги пријатели и повторувам уште еднаш, во март се гледаме на промоција и заедно ќе ја славиме Македонската Рок Сцена и нејзината историја.