Лекарот на американскиот претседател, д-р Шон Конли, изјави дека Доналд Трамп бил тестиран негативно на вирусот корона, што значи дека не постои ризик тој да биде носител на инфекцијата.

Во медицинскиот меморандум се наведува дека последните тестови покажале дека „нема повеќе докази за активна репликација на вирусот“ и дека неговото вирусно оптоварување „се намалува“, објави Би-Би-Си.

Ова е првиот извештај на доктор Шон Конли за здравјето на Трамп од четвртокот, 8 октомври.

Според Конли, Трамп бил подложен на чувствителни лабораториски тестови кои откриваат дел од вирусот во неговиот систем.

Конли изјави дека претседателот ги исполнува критериумите на Центарот за контрола и превенција на болести за безбедно прекинување на изолацијата и дека примерокот од тестот Ковид PCR покажува, според моментално признатите стандарди, дека повеќе не се смета за пренослив ризик за другите.

Трамп вчера одржа говор пред своите приврзаници од балконот на Белата куќа, а тоа беше негово прво појавување пред јавноста откако помина три дена во болница поради инфекција со вирусот корона.

Имаше загриженост дека тој може да биде заразен дури и по тридневен престој во болница.

Ројтерс пренесува дека американскиот претседател им се обратил вчера од балконот на Белата куќа, без заштитна маска и испратил апел да се „вклучат до победа“ на претстојните претседателски избори.

По повлекувањето од изборната кампања поради Ковид-19, Трамп сега планира да го продолжи предизборниот натпревар со неговиот противкандидат Џо Бајден, кандидат за претседател на Демократската партија.
Претседателот на САД утре патува за Флорида, една од клучните држави за победа на претседателските избори, тој ќе биде во Пенсилванија во вторник, а во Ајова во среда, каде ќе одржи говори пред неговите приврзаници.

За време на своето обраќање вчера од балконот на Белата куќа, Трамп, на свој начин, ги обвини демократите дека имаат намера да водат „социјалистичка“, па дури и „комунистичка политика“ во Америка.

А.Н.