Доналд Трамп е сè уште претседател на САД, и ќе биде на функцијата во следните 68 дена. Додека не го признае поразот од Џо Бајден, од кого ги загуби изборите, на Трамп му претстојат уште два месеци, време за кое може да направи неколку работи.

Во САД, трансферот на власта се одвива дури на денот на инаугурацијата, 20 јануари следната година. Трамп сè уште има моќ да направи некои работи, сè додека Бајден не го преземе водството.

  1. Извршни наредби и прогласи

Иако за големи измени на законот е потребно гласање во Конгресот – што тешко дека ќе се случи – има некои работи што може да ги направи со потег со пенкало.

Со текот на годините, претседателите го користеа ова за да ги ограничат постапките на нивните наследници. На пример, една од последните постапки на Обама беше именување на пет нови национални споменици – штитејќи 550 милиони хектари земја и вода, од страв дека Трамп ќе ги намали прописите за животна средина. Што тој и го направи.

Плановите за последните потези на Трамп, наводно, вклучуваат финализирање на построги правила за имигрантски визи.

  1. Помилувања

Претседателите во заминување последната недела ја користат за помилувања.

На последниот ден на власт, Обама смени 330 казни – најмногу досега – иако ја користеше својата моќ ретко за време на поголемиот дел од својот претседателски мандат. Многумина од оние кои Обама ги помилува или им ги смени казните беа криминалци за кои сметаше дека имале неправедно строги казни. Но, во последните неколку недели тој го помилуваше и свиркачот на Викиликс, Челси Менинг.

Трамп претходно ја користеше моќта на помилување за пријателите и политичките сојузници. На списокот за помилување на Трамп може да има лица осомничени за злосторства поврзани со неговата кампања во 2016 година или контроверзен повик до Украина што доведе до негов импичмент. Може да вклучува и лица осомничени за злосторства поврзани со неговите деловни интереси, пренесува „Мирор“.

  1. Заработување пари

Трамп ја искористи својата функција за да заработи пари за себе. Имено, тој честопати поминувал време во своите хотели или во одморалиште за голф. И кога остануваше таму, тој не беше сам: требаше да се резервираат цели спратови за персоналот и агентите на тајната служба.

Извештајот на „Вашингтон пост“ во август проценува дека компаниите на Трамп им наплатиле на даночните обврзници 900.000 американски долари за време на неговиот претседателски мандат.

И кога странските службеници ги посетуваат САД, тие често престојуваат во хотелот „Трамп Интернационал“, што е многу, многу скапо место за престој – и заработува за претседателот.

  1. Отпуштање луѓе

Ова веќе започна. Имено, пред два дена беше објавено дека неколку високи функционери на американската армија беа сменети од функциите и заменети со луѓе лојални на Трамп.

  1. Издавање наредби на армијата

Трамп е врховен командант на вооружените сили на САД уште 68 дена. Официјалното објавување војна на друга земја бара одобрување од Конгресот, но според Законот за воени сили, претседателот може – откако ќе го извести Конгресот дека ќе го стори тоа – да испрати војници на воена акција до 60 дена без одобрување.

Значи, технички, претседателот сè уште може да издава наредби на војската и да ги обврзува да работат во други земји неколку месеци пред да се повлече од функцијата.

  1. Палење на „куќата“ (не буквално)

Постои загриженост дека Трамп, бесен од поразот, може да се обиде да и наштети на државата и на довербата во американската демократија. Во неколку наврати и со гласно сомневање во легитимноста на изборите, тој наведува милиони негови следбеници и приврзаници да го сторат истото.

Продолжувањето со негирање на реалноста и тврдењето дека изборите биле украдени може да разгори граѓански немири – вклучувајќи го и оној од белите супрематисти, лојални на Трамп. А.Р.