Трет  пакет економски мерки во висина од 355 милиони евра, за помош на невработените лица, социјално ранливите категории, младите (средношколци, студенти и млади до 29 години), домаќинствата со ниски примања, медицинските лица, најави денеска премиерот Оливер Спасовски во владината стратегија за справување со здравствената и финансиската криза.

Со мерките од третиот сет се опфатени и погодените сектори од кризата, домашните компании (производствени, прехрамбени и други капацитети), извозните компании, услужната дејност, земјоделството и туризмот. Вкупната вредност на мерките од првиот и вториот пакет економски мерки опфаќаше сума од 200 до 250 милиони евра или 2% од БДП. Вкупниот влог во новата развојна македонска економија, трите пакети мерки изнесуваат 550 милиони евра или 5 до 5.5% од БДП и со нив ќе бидат опфатени 730.000 корисници.

Со третиот сет мерки се предвидени:

– платежна картичка за граѓаните – по 150 евра за македонски производи и услуги за сите невработени лица, баратели на работа кои немаат над 15.000 месечни приходи според Управата за јавни приходи, како и примателите на гарантирана минимална помош. Со оваа мерка се опфтeни околу 100 илјади граѓани, а платежна картичка може да се користи само за домашни компании, производи и услуги и во определен период од 30 дена. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра.

– Ваучер за домашен туризам од 100 евра и домашна платежна картичка од 50 евра за сите вработени граѓани што примаат плата помала од 15.000 нето месечно и немаат други приходи во 2018 година, според УЈП. Оваа мерка опфаќа околку 100 илјади граѓани, а вредноста е 16 милиони евра.Ваучерот може да се користи во домашните хотели и други сместувачки капацитети, додека со платежната картица поттикнуваме купување на домашни производи и услуги.

– Парична поддршка за студентите и средношколците од 100 евра за покривање на партиципација во Универзитет, како и сместување во студентски, ученички домови и регистрирани сместувачки капацитети за студенти и средношколци и платежна домашна картичка од 50 евра за домашни производи и услуги, за да продолжи образовниот процес непречено и за да се обезбеди куповната моќ, како придонес кон студентскиот и средношколскиот стандард. Со оваа мерка се таргетираат 100 илјади корисници, нашите млади сограѓани, а вредноста на мерката е 9 милиони евра.

– Ваучери за кофинансирање на обуки, тренизни и курсеви за ИТ и дигитални вештини за младите да стекнат знаења и ИТ вештини кои ќе им овозможат брзо вработување во новата развојна економија. Оваа мерка ќе опфати од 7.000 – 10.000 млади до 29 години, во вредност од 3 милиони евра.

– Викенд без ДДВ за сите граѓани за поттикнување потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори, како што се продавниците за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Oчекуван е дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство.

– Паричен надоместок за сите лица кои останале без работа од 11 март до 30 април 2020, вклучувајќи ги и оние кои го прекинале својот работен однос преку писмена изјава, спогодбено, но и добиле отказ од работодавачот. Оваа мерка ги опфаќа лицата кои останале без работа во периодот од 11 март до 30 април кои имаат престанок на работа по сонов на невработеност за давање на писмена изјава за престанок на работниот однос, спогодбен престанок на работниот однос и за престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавачот.

Спасовски претстави и сет мерки за директна поддршка на македонското стопанство – иновативност и развој за зачувување на постојните и за нови работни места кои се состојат во:

– Бескаматни кредити за фирми преку Развојната Банка на Северна Македонија, во вредност од 31 милион евра – поддршка за жените, младите и дигитализацијата во бизнисот, достапни за сите микро и мали компании, а ќе понуди и 30% грант (неповратни средства) за оние компании кои се водени или основани од жени или вработуваат млади лица, се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во нивното работење.

– Државна гаранција за комерцијални кредити за поддршка на Старт ап и мали и микро компании – финансиски средства од 125 милиони евра на извозно ориентираните компании, за поддршка и преземање на дел од ризикот за комерцијалниот кредит.

– Гаранција за обезбедување на царинскиот долг – за поголем извоз и полесен пристап до суровини за домашните компании за поддршка на извозот и олеснување на пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на РСМ.

– Нови 25 милиони евра за приватниот сектор – за освојување на нови пазари, зголемување на нивната конкурентност, како и модернизација на процесите.

– Дигитална платформа за нови пазари за текстилните компании – финансиска поддршка од 1 милион евра за овие индустрии да креираат платформа на која ќе може да ги пласираат своите производи на нови пазари.

– Поддршка за развој на домашни старт-ап продукти и услуги преку ФИТР- нови 1,6 милиони евра за развој на иновативни продукти и услуги преку ФИТР, како и трансформирање на македонско туристичко село во скопско Нерези во македонско СТАРТ АП село. Директно го стимулираме отворањето нови сопствени бизниси.

– Кофинансирање на настани и конференции со 50% финансиска поддршка од државата најмногу до 30.000 денари – финансиска помош од 245 илјади ерва.

Поддршка за земјоделците – нови приходи од плодната македонска земја предвидува:
– Поддршка на аграрниот сектор од 5 милиони евра преку Развојната банка за микро, малите и средни претпријатија кои вршат примарно производство, преработувачите и извозот на примарни и преработени земјоделски производи.

– Платежна картичка за субвенционирање на 50% од зелената нафта за земјоделците. Оваа мерка ќе опфати 50.000 земјоделци, а вредноста е 4.6 милиони евра.

– Стимулирање на преработувачите на грозје за производство на нови продукти – алкохолен дестилат кој ќе се користи од страна на домашните хемиски компании за производство на средства за дезинфекција. Во следните три години, нашата финансиска поддршка ќе изнесува 3,5 милиони евра.

– Овозможување јавни приватни партнерства во лозарството и тутунскиот сектор преку модернизирање и ставање во функција на капацитети во производство на преработки од тутун и грозје со цел понатамошно уште посилно развивање на лозарството и тутунскиот сектор, како земјоделски гранки кои се повеќе и повеќе извезуваат.На краток рок, очекувањата за инвестициите треба да достигнат 10 милиони евра.

– Окрупнување на земјоделско земјиште за поголема конкурентност на македонското земјоделство -ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште како и охрабрување на домашното земјоделско производство, но и нови инвестиции во овој сектор. Од оваа мерка се очекуваат приходи од 250 милиони евра во следните три години и зголема конкурентност на македонското земјоделство.

– Долгорочен закуп на пасишта – издавање на пасиштата на долгорочен закуп со што сточарите ќе имаат на располагање околу 500.000 хектари пасишта за напасување на добитокот.

– Програма за финансирање на микро земјоделски компании – 3 милиони евра за финасирање на Старт-ап семејни винарии и фарми на кои ќе им бидат достапни грантови до 10.000 евра за опрема за преработка но и за маркетинг на растителни, млечни и месни производи.

– Модернизација на земјоделство преку кредит на Светска банка од 50 милиони евра со цел зголемување на конкуретноста и профитабилноста.

Спасовски посочи дека и како благодарност за најизложените здравствени работници предвидена е награда од 20% од основната плата за 2 месеци за докторите и медицинскиот персонал на инфективните клиники и одделенија, клиниката за инфективни болести, институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје, како сите членови на тимовите од итна медицинска помош. А.Р.