четврток, април 25, 2024
домаТрилогија на Александар Довженко на Фестивалот на неми и класични филмови

Трилогија на Александар Довженко на Фестивалот на неми и класични филмови

Фестивалот на неми и класични филмови утревечер (Петок, 13 август), со почеток во 20 часот – ќе започне да ја прикажува познатата и значајна трилогија на Александар Довженко (Александр Петрович Довженко, 1894–1956), пионерот на украинскиот и советскиот филм од 1920-ите (заедно со Сергеј Ејзенштејн, Всеволод Пудовкин, Ѕига Вертов, итн.).

Пред проекцијата на ЗВЕНИГОРА, кој е на програмата на 13 август, од 20.00 часот свое предавање на тема „Историјата на украинскиот филм: Од Довженко до Довженко-центар“ ќе одржи и Арсениј Књазков, филмски истражувач од „Довженко-центарот“ во Киев. Националниот центар „Александар Довженко“ („Довженко центар“) е најголемата украинска филмска архива со обемна колекција филмски материјали која вклучува 7.000 играни филмови, документарни филмови, украински и странски анимирани филмови и илјадници архивски записи од историјата на украинската кинематографија. Проекцијата на филмовите АРСЕНАЛ е на 14 август додека пак филмот ЗЕМЈА ќе биде прикажан на 16 август со почеток во 20 часот.

Програмата на ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ – филмовите на Довженко е реализирана во соработка со Амбасадата на Украина во Р.С. Македонија т.е. „Центарот Довженко“ – Киев.

13 АВГУСТ (ПЕТОК), 20:00 ч.

Предавање на Аресниј Книазков, филмски истражувач од Довженко центарот од Киев, Украина – „Историјата на украинскиот филм: Од Довженко до Довженко центар“

13 АВГУСТ (ПЕТОК), 21:00 ч.

ЗВЕНИГОРА

(Звeнигopа / Zvenyhora)

Игран филм, Украина

1928, 109 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)

Сценарио: Михаил Јогансон, Јури Тјутјуник, Александар Довженко (Mikhail Ioganson, Yuri Tyutyunik, Alexander Dovzhenko)

Улоги: Георги Астафјев, Николај Надемски, Семјон Свашенко, Алексадар Подорожниј (Georgi Astafyev, Nikolai Nademsky, Semyon Svashenko, Aleksandr Podorozhnyy)

ЗВЕНИГОРА е нем филм на еден од пионерите на советската монтажна филмска школа, Александар Довженко. Сторијата на ЗВЕНИГОРА говори за потрагата по закопаното богатство на планината, која е симболична рамка за големата историска тема на филмот – историјата на Украина од времето на Варагите (словенски назив за викиншките освојувачи во Средниот век на подрачјето на Русија, Украина, Белорусија и Византија) па сè до почетокот на граѓанската војна во Советскиот Сојуз по Октомвриската револуција во 1917 година.  Во добропознатиот документаристички манир на Довженко во пионерското доба на кинематографијата, авторот во ЗВЕНИГОРА користи автентични локации за прикажување на дејствието и учество на обичните украински селани во филмските улоги. ЗВЕНИГОРА е првиот дел од трилогијата на Довженко посветен на неговата родна земја Украина – во која спаѓаат и АРСЕНАЛ и ЗЕМЈА – и се смета за еден од највлијателните филмови во советската кинематографска ера.

14 АВГУСТ (САБОТА), 20:00 ч.

АРСЕНАЛ

(Арсенал / Arsenal)

Игран филм, Украина

1929, 70 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)

Сценарио: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)

Улоги: Семјон Свашенко, Георги Хорков, Амвросиј Бучма (Semyon Svashenko, Georgi Khorkov, Amvrosi Buchma)

Познат и под насловот ЈАНУАРСКОТО ВОСТАНИЕ ВО КИЕВ 1918 (Январское восстание в Киеве в 1918 году / January Uprising in Kyiv in 1918) е вториот дел од украинската трилогија на Довженко. Сторијата ги прикажува бурните настани во Киев за време на Октомвриската револуција и почетокот на граѓанската војна во Украина. Киевските бољшевици дигнале востание против нововоспоставената украинска националистичка влада, но тоа било неуспешно. Тимош (Свашенко) е демобилизиран војник на царската војска кој се враќа дома, преживувајќи ја железничката несреќа, и кој им се приклучува на востаниците. Довженко го снимал филмот на автентични локации две години, а морал да се брани и од нападите кон неговиот претходен филм ЗВЕНИГОРА, од комунистичките гласила оценет како националистички (украински) филм. Самиот Довженко десет години пред снимањето на филмот како припадник на националната украинска војска учествувал во гушењето на комунистичкото востание, па АРСЕНАЛ се толкува двојно: како намера на Довженко да ја придобие наклоноста на владејачката советска комунистичка партија (или барем да го намали анимозитетот кон него), иако неговиот пацифизам не бил дочекан со преголемо одобрување кај владејачките структури; но АРСЕНАЛ стои и како едно од неговите најкомплетни и најзрели остварувања. Како и да е, неговиот филм АРСЕНАЛ (покрај филмот ЗЕМЈА) – е зенитот на неговото филмско творештво. Иако критикуван – пацифизмот на Довженко, пластично прикажан во АРСЕНАЛ низ апсурдностите на војната, бил инспирација за подоцнешните пацифистички сентименти во филмовите на Жан Реноар (Jean Renoir) и Стенли Кјубрик (Stanley Kubrick).

16 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

ЗЕМЈА

(Земля / Earth)

Игран филм, Украина

1930, 75 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)

Сценарио: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)

Улоги: Семјон Свашенко, Степан Шкурат, Јулија Солнцева (Semyon Svashenko, Stepan Shkurat, Yuliya Solntseva)

Дејствието на „филмската поема“ ЗЕМЈА на Довженко, како што филмските историчари го квалификуваат третиот дел од неговата трилогија посветена на историјата и политичката современост на Украина во триесеттите години од минатиот век, се случува во периодот на колективизацијата. Понесени од новата комунистичка идеологија која пропагирала „фабриките на работниците, земјата на селаните“, група „комсомолци“ (КОМСОМОЛ – Коммунистический Союз Молодёжи / Комунистички сојуз на младината) формира „колхози“, земјоделски задруги. Нив ги предводи младиот Василиј, а формирањето „колхози“ наидува на жесток отпор кај „кулаците“, побогатите сопственици на земјоделското земјиште. ЗЕМЈА е полн со натуралистички мотиви од секојдневието на украинските селани, и филмот на Довженко повторно наишол на поделени мислења кај властите: некои го примиле со воодушевување, други со критики. Цензорите исекле неколку сцени кои не биле во духот со тогашната идеологија (работници уринираат во прегреаниот мотор на тракторот за да го оладат; девојка гола го оплакува убиениот вереник), но филмот имал голем успех во странство. Бил прикажан на првото издание на Венецијанскиот филмски фестивал во 1932, а на светската изложба EXPO 1958 во Брисел, Белгија, еминентно жири составено од водечки филмски критичари и историчари го вброило ЗЕМЈА меѓу десетте најдобри филмови на сите времиња. ЗЕМЈА на Довженко се смета за последниот голем и значаен нем филм во советската кинематографија.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ