четврток, април 25, 2024
домаТриумф во Палиќ за Кристијан Мунгиу

Триумф во Палиќ за Кристијан Мунгиу

Романскиот филм „Магнетна резонанца“ на Мунгиу, украинскиот „Памфир“ на Сухолутку-Собчук и „Римини“ на австрискиот режисер, Улрих Зајдл, го одбележаа годинешниот 29. Европски филмски фестивал во Палиќ, со приказните, но и со неверојатната умешност

Сунчица Уневска

Главната награда, „Златна кула“, ја понесе романскиот филм М.Р.И. односно „Магнетна резонанца“, кој на извонреден начин ја долови современата состојба во општеството, кое се наоѓа на работ, додека го губи своето население и работници, а на барање на ЕУ вработува мигранти, за кои пак постојат такви убедувања што во малите места се граничат со лудило.

„Магнетна резонанца“ покажува до каде може да оди паранојата на луѓето кога станува збор за мигрантите

„’Магнетна резонанца’ е сложен и потресен приказ на пукнатините во општеството предизвикани со капитализмот и миграциите, приказ на минатото кое се враќа да нè прогонува, наместо да нè спојува и поврзува. Убедливи ликови кои живеат во свет во кој се заробени, во ситуации што не можат да ги променат“, ќе напише жирито во своето образложение. Населението, во обидот да се ослободи од замислениот непријател, оди дотаму што сето тоа ќе се претвори во параноја која не може да доведе до ништо добро, освен до екстремен крај.

Украинскиот филм „Памфир“ беше еден од фаворитите на критиката, а и воопшто годинава се издвојуваа украинските филмови со својот квалитет

Овие денеска исклучително актуелни теми се провлекуваа низ многуте филмови на фестивалот на различен начин. Така беше и со украинскиот „Памфир“ на Дмитро Сухолутку-Собчук, кој ја доби Наградата за режија, а беше и еден од фаворитите на критиката. И тоа е приказна за влијанието на миграцијата, овој пат на семејството, но во која авторот на фасцинантен начин ќе го вклопи фолклорот и традицијата. Всушност, „Памфир“, што во превод значи камен, зборува за цврстината, борбата, заштитата, но и за неумоливите судбини во услови во кои корупцијата расте до невидени размери.

Специјалната награда на жирито, предводено од израелскиот продуцент, Катриел Шори, во кое беше и српската актерка, Катарина Радивојевиќ, отиде кај унгарскиот филм „Нежно“, кој зборува за животните предизвици на една жена, чиј живот е сведен на исклучително напорни тренинзи за светскиот натпревар на Мис Универзум. Но, Ана Немеш и Ласло Чуја „ќе покажат голем талент и чувствителност во креирањето на нежни и трогателни моменти, во свет кој бара совршенство со невозможни жртви“.

Екипата на филмот „Римини“ ја доби наградата на критиката „Фипресци“

Додека, Меѓународното жири на критиката, „Фипресци“, во кое беше и вашиот новинар, својата награда му ја додели на филмот „Римини“ на Улрих Зајдл, за неговото мајсторство во правењето толку животна и страствена приказна за еден пејач на шлагери, чија кариера одамна е на залезот. Всушност, овој брилијантен лик на Ричи Браво, кој е рокер во душа, ќе го одигра извонредно Михаел Томас, чија улога одушевува, особено што и покрај целата очајна ситуација во тоа зимско летувалиште тој создава навистина „раскошен лик“. А можеби тоа и не е чудно, со оглед на мајсторството на Зајдл, на неговата единствена визија и моќ да креира своја реалност и нови икони, кои (и покрај сè) функционираат беспрекорно.

Инаку, во Палиќ има уште едно жири составено од критичари, но тие одлучуваат за паралелната програма, насловена „Паралели и судари“. Ова жири во кое беа критичари од Украина, Хрватска и Германија, за најдобар филм го прогласи украинскиот „Визијата на пеперутката“ на Максим Наконечни за „неговата способност со филмски средства да ги пренесе актуелните настани во Украина на модерен и современ начин“. Станува збор за една жена-војник, која била во заробеништво и сега со размена се враќа дома. Додека сите се пречекани како херои таа не се чувствува така, особено кога ќе дознае дека по силувањето во затворот останала трудна.

Екипата на филмот „Вујко“ на прес конференцијата, кои беа одушевени од неверојатната посетеност за нивниот филм и рекоа дека тоа било како рок-концерт

Веќе рековме дека оваа година програмата „Паралели и судари“ донесе многу поинтересни остварувања, во чии рамки беше прикажан и хрватско-српскиот „Вујко“ на Андрија Мардешиќ и Давид Капац. Овој филм, всушност, и направи најголем бум на фестивалот, бидејќи во киното „Абазија“ на Палиќ беше толку полно што некои луѓе го следеа стоејќи, некои се менуваа на седиштата, а голем број седеше и на подот на салата. Поради интересот, филмот на 21 јули беше повторно прикажан. Се разбира, авторите беа одушевени и на прес-конференцијата изјавија дека тоа за нив било како рок-концерт.

Интересно е дека додека го подготвувале филмот, како што раскажуваа, наидувале на голем отпор, затоа што се работи за мрачна приказна, за вујкото кој ја злоупотребува состојбата во која семејството е подготвено на сè само да го добијат тоа што им е ветено. Режисерите зборуваа дека сакале да земат некаков спомен, да се навратат на некое време, да проговорат за обичаите, навиките и семејните односи што сите ги делиме и сето тоа да го стават во жанровски рамки. Но, една новинарка на пресот им рече дека во ред е сето тоа и да престанат да се фолираат (не со тие зборови), но дека тоа е сепак површината односно дека таа сака да ги праша за нивната вистинска, многу подлабока причина, за тоа зошто диктаторството опстојува и каде тоа започнува или завршува… А што се однесува до Мики Манојловиќ, кој го игра вујкото, рекоа дека и да им се нудел Том Круз, тие би работеле со Мики.

На крајот на фестивалот во Палиќ пристигна францускиот режисер Мишел Азанависиус, познат најмногу по неговиот црно-бел нем филм „Артист“, кој доби дури пет „оскари“. На Азанависиус му беше врачена наградата за животно дело „Александар Лифка“, а фестивалот се затвори со неговиот најнов филм, зомби-комедијата „Фајнал кат“ со која годинава се отвори Кан. На прес-конференцијата тој изјави дека за него е трогателно кога ќе види дека на некои луѓе филмот им е сè уште важен. Запрашан за неговите дела, рече дека сака кога суштината на приказната и нејзината форма се поврзани.

„Сакам да си играм со сликите и нивните значења кои се кријат зад она што е во прв план. На пример, снимањето на филмот за Жан Лик Годар и користењето на некои годаровски шаблони ми овозможи да кажам колку го почитувам и колку му се восхитувам како уметник“, истакна Азанависиус. На крајот, најави дека подготвува анимиран филм, чија приказна се одвива за време на Втората светска војна и дека зборува за депортацијата и камповите, но дека сепак тоа е приказна за љубовта, солидарноста и луѓето кои спасуваат други луѓе.

Наградата „Underground Spirit“ му беше доделена на шведскиот снимател, Иштван Борбаш (роден Унгарец), кој е познат по работата со Рој Андерсон

На фестивалот големо внимание му беше посветено и на шведскиот снимател, Иштван Борбаш (роден во Будимпешта), кој ја доби наградата „Underground Spirit“. Тој има работено во многу земји во Европа, а најмногу е познат по соработката со еден од најинтересните шведски автори, Рој Андерсон. Нивната работа привлече големо внимание во Шведска, но и на меѓународно ниво. „Дури и најтривијалната ситуација, зборуваше Борбаш, ако е прикажана на точен начин може да ни даде прецизен опис за човечкото постоење“. Тој го потпишува и најновото остварување на Андерсон, „Гулабот седи на гранка и размислува за постоењето“, кој во 2014 доби „Златен лав“ во Венеција.

Зборувавме и за придружните настани, за изложбата на плакати, но имаше и повеќе работилници, особено за филмска критика и за тоа како се гледа филм, наменета за млади до 15 години. Имаше и промоција на книги, за Стенли Кјубрик – помеѓу сликарството и филмот, како и книгата „Забранети без забрана“, која се наврати на Црниот бран како еден од уметнички најсилните периоди на југословенскиот филм. Палиќ живееше интензивно сите седум дена, ги полнеше салите, но и секојдневните прес-конференции. Во преубавата атмосфера помеѓу ѕидините стари 2.000 години фестивалот го живее и слави филмот на најдобар можен начин. Не случајно следната година ќе ја одбележи својата 30-годишнина.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ