Зголемување од три денари на акцизата за нафтените деривати, со цел да се ублажат економските последици од зголемените трошоци за справување со коронавирусот КОВИД-19 и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби, најави портпаролот на Владата Муамет Хоџа, соопштувајќи ги денеска на прес конференција деталите од новата владина уредба со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила за примена на законот за акцизите за време на вонредна состојба.

– Со оваа Уредба се пропишува износот на акцизата за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар, за гасно масло како погонско гориво, односно дизел горивото, за гасното масло како гориво за греење, како и роковите за попис на затечени залихи на енергенти, подготовка на записник и поднесување на записникот до надлежниот царински орган од страна на увозникот, трговецот на големо и трговецот на мало на енергенти и за плаќањето на разликата на акцизата при зголемување на акцизата на енергенсите.  Уредбата е донесена за да се ублажат економските последици од зголемените трошоци за справување со коронавирусот КОВИД-19 и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби, а имајќи ја предвид вонредната состојба во државата и забраните и ограничувањата за движење на населението, економските состојби во државата и намалената потрошувачка на горива во периодот на вонредната состојба, како и драстично намалената малопродажна цена на горивата на пазарот – рече Хоџа.

Воедно, како што посочи, зголемувањето на износот на акцизата нема да предизвика дополнителни финансиски импликации за правните субјекти и населението, со оглед на фактот дека значителниот пад на цената на нафтата на светските берзи во овој период предизвикува значително намалување и на малопродажните цени на горивата во нашата земја.

-Напоменувам дека предложениот механизам овозможува и постепено враќање на постојните износи на акцизи во услови на нормализирање на цените на пазарот, што се очекува тогаш кога ќе заврши состојбата предизвикана од здравствено-економската криза заради коронавирусот. Согласно оваа уредба цената на акцизата на нафтените деривати опфатени со неа се зголемува за 3 денари.  Имајќи предвид дека имаме пад на цената на нафтата од околу 20 денари во период од 8 јануари до 6 април оваа година, имаме услови за преземање на ваква мерка, односно зголемување на акцизата за нафтените деривати како анти кризна мерка во борба против КОВИД – 19. Потенцирам дека сите средства од зголемувањето на акцизата на нафтата ќе одат во Буџетот на Северна Македонија за справување со коронавирусот за поддршка и финансирање на мерки за поддршка на стопанството и социјалните мерки за поддршка на граѓаните – истакна портпоралот Хоџа.

Тврдењата дека зголемувањето на акцизата ќе се одрази негативно на цените и дека ќе трпи транспортната, или другите дејности врзани за нафтените енергенси, се финансиски неоправдани и неосновани, истакна тој уверувајќи дека во услови кога цената на нафтата е падната за 20 денари, зголемување на акцизата од 3 денари во услови на криза е оправдано и истото нема да се одрази на цените на транспортните услуги.

-Напротив транспортните компании на почетокот на годината кога ги креирале своите финансиски планови не предвиделе ваков пад на нафтата, согласно тоа истите веќе остваруваат заштеди по основ на цените на нафтата кои ги плаќаат. Од почетокот на годината, цената на нафтата е падната за околу 20 денари по литар – рече Хоџа.

Регулаторната комисија веќе ги објави новите цени на горивата со зголемената акциза па од вечерва на полноќ малопродажните цени на горивата се зголемуваат за 3,12 отсто. Така, Еуросупер 95 и 98 ќе се продаваат за цена повисока за 3 и пол денари и ќе изнесуваат 52 и 54 денари, а Еуродизел горивото се зголемува за 1,5 денари и ќе изнесува 46,5 денари.А.Р.